На средбата се разговарало за принципите на нивната идна соработка со која треба да се обедини албанската опозиција во земјава.
„Како што изјавивме и претходно, силно ќе се ангажираме на обединување на гласот на опозицијата во земјата. На денешната средба со г. Касами и г. Гаши во Собранието на РСМ разговаравме за принципите на нашата соработка. Нашето искрено патување продолжува. Со среќа нека ни е“, сподели Меџити на Фејсбук кој за 13 август најави основање на ново политичко движење.
Истовремено, заменик претседателот на Беса, Аријанит Хоџа на својот фејсбук-профил се огради од т.н. опозициски блок на Билал Касами, Изет Меџити и Африм Гаши.
„Почитувани активисти, поддржувачи, симпатизери и сите вие кои во овие години бевте сопатници на нашето политичко патување. Дозволете ми преку оваа објава да ве информирам дека од денеска целосно се оградувам од политичките дејства во т.н. ‘опозициски блок’ оценувајќи дека главните актери, носители на оваа иницијатива немаат за цел политичка ротација, туку едноставно ‘перење’ на политички фигури кои недалеку од денес, беа токму актери за одржување на актуелната власт на Албанците и ја спречија ротацијата во таборот на Албанците. За деталите околу политичките убедувања и луѓето кои делат исто политичко мислење со мене, ќе vе информираме преку јавен настап во текот на оваа недела“, напиша Хоџа на Фејсбук.