Ова е мошне специфичен случај кој прв пат се случува кај нас. Ова не е случај на надрилекарство каде што работите би биле појасни за разлика од случајот со клиниката „Жан Митрев“, вели академик Владо Камбовски.
„Овој случај е специфичен бидејќи тука се поставува прашањето како обвинителството ќе докаже, а судот ќе пресуди дека станува збор за измама затоа што сите кои не се излечиле имаат чувство дека се оштетени и тоа е нормално. Од друга страна има пацинети на кои им било помогнато и тие би сведочеле во корист на обвинетиот. Но тоа мислење е субјективно. Затоа овој случај бара огромна претпазливост и доследна примена на законите. Обвинителството ќе мора да пристапи многу внимателно кон обвинението, а судот ќе мора да отвори четири очи во текот на постапката и особено кога ќе треба да одлучува“, вели Камбовски.
Анализирајќи ја досегашната постапка, Камбовски вели дека овде не станува збор за случај во кој некој пуштил во употреба некој лек кој претходно не бил одобрен, туку станува збор, за примена на метода која е веќе употребувана.
„Некои од пацентите се спасиле, некои, за жал не успеале“, вели Камбовски.
Досегашното постапување по поднесувањето на обвинението против Жан Митрев остава впечаток дека обвинителството и судот се на една страна, а на другата страна е одбраната. За проучување на доказите доставени од обвинителот на повеќе од 10.000 страници на одбраната ѝ се оставени само 10 работни дена (дозволен увид 4 часа во денот), пишува во реакцијата на одбраната на доктор Жан Митрев што вчера беше испратена до медиумите.
„Во постапката по жалба против решението за блокада на сметките на клиничката болница „Жан Митрев“, по поднесувањето на жалбата и доставување на предметот на одлучување до Апелациониот суд Скопје, обвинителството достави дополнителен писмен доказ кој не е доставен до одбраната, а решението на Апелацискиот суд за одбивањето на жалбата се повикува токму на тој доказ. На одбраната дури не ѝ е доставено ни мислењето на Вишото јавно обвинителство Скопје, а тоа се повреди кои судовите не може да не ги знаат бидејќи се опфатени со пресуди на Врховниот суд на РСМ и на Европскиот суд за човекови права. И сега, во период меѓу одлагање на рочиштата, за проучување на доказите доставени од обвинителот на повеќе од 10.000 страници пишан материјал и голем број содржини во електронска форма, на одбраната ѝ се оставени само 10 работни дена (дозволен увид 4 часа во денот) во кој рок е и подготовката на одбраната, поради што и со писмено барање адвокатите се обратија да се пренасочи судењето, но судот на тоа не одговори“, тврдат адвокатите на сопственикот на клиниката, доктор Жан Митрев.
Дали се ова значи дека замислата е Жан Митрев да биде осуден по кратка постапка, па поради тоа не се почитуваат основните права на одбраната“, прашуваат од одбраната на Митрев.
За утре во Кривичниот суд Скопје е закажано ново рочиште за овој случај.
Основното јавно обвинителство Скопје во јануари годинава поднесе обвинение против сопственикот на клиниката и против клиниката „Жан Митрев“. Тој се гони за кривично дело измама, а поврзано со лекувањето ковид-пациенти со методот хемофилтрација. Според обвинеието Митрев ги довел во заблуда пациентите дека со овие методи нуди алтернативен начин за лекување од ковид, што, според обвинителството, нема врска со вистината.
И.О.