петок, 18 октомври 2024

Камала Харис: Имам Глок некое време. Секако дека сум пукала од него

Американската потпретседателка Камала Харис одговараше на прашања за Блискиот Исток, Украина, поседувањето оружје и имиграцијата за време на своето гостување во емисијата 60 минути на Си-би-ес. Харис во последниве денови се појавува на голем број подкасти и ТВ мрежи, како одговор на критиките дека се крие од јавноста.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Останува уште помалку од еден месец до претседателските избори. И Харис и Доналд Трамп вчера се појавија на настани по повод одбележувањето на една година од нападот на Израел на 7 октомври. Новинарот Бил Витакер ја праша Харис дали израелскиот претседател Бенјамин Нетанјаху е „силен сојузник“ на САД и покрај неодамнешните јавни несогласувања меѓу Белата куќа и Ерусалим.

„Работата што дипломатски ја вршиме со раководството на Израел е постојан напор да ги разјасниме нашите принципи. Мислам дека, со должна почит, подобро прашање е дали имаме важен сојуз меѓу американскиот и израелскиот народ. И одговорот на тоа прашање е да“, изјави таа, пренесува Би-би-си.

Таа, исто така, се осврна на прашањето дали било грешка олабавувањето на граничните ограничувања поставени за време на мандатот на Трамп, имајќи предвид дека администрацијата на Бајден повторно ги наметна ограничувањата три години по преземањето на контролата врз Белата куќа.

„Тоа е долгогодишен проблем. И решенијата се на дофат. И од првиот ден, буквално, ние нудиме решенија“, рече Харис, обвинувајќи го Трамп за притисокот на републиканците во Конгресот да го отфрлат договорот со кој би се зголемило спроведувањето на имиграциските мерки.

Витакер потоа праша: „Прашувам дали беше грешка што воопшто се дозволи овој наплив на мигранти да се случи?“ Харис одговори дека „политиките што ги предлага се однесуваат на решавање на проблемот, а не за промовирање на проблемит“. Таа додаде дека таа и Бајден го „преполовиле протокот на илегална имиграција“.

Што се однесува до Украина, Харис посочи дека таа нема да седне на маса со рускиот претседател Владимир Путин доколку на масата не биде и Украина. „Трамп вели дека може да стави крај уште на првиот ден. Знаете што е тоа? Се работи за предавање“, нагласи таа.

„Да беше Трамп сè уште претседател, Путин сега ќе беше во Киев“, продолжи таа.

Таа зборуваше и за својот економски план, односно како ќе го финансира. „Мојот економски план ќе ја зајакне американската економија. Тој на Трамп ќе ја ослабне“, рече таа, додавајќи дека нејзиниот план се потпира на „зајакнување на малите бизниси“. Запрашана повторно како ќе плати за тоа, Харис одговори дека ќе ги зголеми даноците на најбогатите.

Во интервјуто, Харис зборуваше и за поседување огнено оружје, откривајќи дека нејзиниот пиштол е произведен од австриската компанија Глок. „Го имам веќе некое време“, истакна таа. Харис, поранешна окружна обвинителка во Калифорнија, се насмеа кога ја прашаа дали некогаш пукала, велејќи: „Се разбира дека да, на стрелиште“.

Трамп исто така беше поканет да се појави во емисијата 60 минути. Од Си-би-ес тврдат дека тој првично ја прифатил поканата, но подоцна се предомислил и го одбил гостувањето. Кампањата на Трамп негираше дека тој некогаш се согласил на интервју. За време на својата претседателска кампања во 2020 година, Трамп го напушти интервјуто со водителката на Си-би-ес Лесли Стал откако стана фрустриран од прашањата за коронавирусот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ