сабота, 19 октомври 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Како јавната администрација стана јадна администрација

Еден ден на буквата „В“ ѝ дојде преку глава од континуираното семантичко злоставување на зборовите во кои е принудена да учествува, особено како прва, и според тоа почесна буква, како на пример зборовите „вистина“, „ветувања“, „вера“, „вредности“ итн. - па реши да стапи во семантички генерален штрајк. Барањето на буквата „В“ беше мошне едноставно: значенска доследност при употребата на сите зборови, во кои таа учествува.

Ова се испостави како особен проблем за јавните инситутиции на Апсурдистан, бидејќи, како што писмениот читател лесно може да воочи, без буквата „В“ тие едноставно мораа да бидат распуштени. Бидејќи Владата на Апсурдистан барањата на буквата „В“ ги прогласи за радикален семантички националшовинизам кој ја загрозува славната апсурдистанска демократија, мораше да најде неодложна замена за буквата „В“, за да не пропаднат јавните инситуции на Апсурдистан. Па така, ја најмија буквата „Д“, кој веќе претходно се имаше покажано како идеален штрајкбрехер, вршејќи дубиозна семантичка улога во зборот „демократија“, откако во него беше инсталирана како партиски послушник и шпион на зборот „доминација“.

И така, работите во славната апсурдистанска демократија продолжија да се одвиваат во најдобар ред: јавната администрација стана јадна администрација, јавните институции станаа јадни институции, јавниот живот стана јадниот живот – впрочем, никој и не ја забележа разликата! Како што никој и не забележа дека во Апсурдистан вистината е одамна истината, дека настапи ера без меѓусебна вера, дека веќе одамна не дува ветер, но затоа секој ден е бетер, а кога треба да исполнат некое ветување, премиерот и министрите се на задолжително летување. Токму оваа ера владата на Апсурдистан ја прогласи за златната апсурдистанска ера, во која веќе нема војна, бидејќи опасното политички некоректно влијание на националшовинистот „В“ беше искоренето, и навистина, секогаш кога апсурдистанските соседи или унијата на меѓународни зафрканти ќе побараа било што од Апсурдистан, славните апсурдистански премиери, наместо да се бранат во таа војна, ќе речеа само: „ој, на!“

И така, Апсурдистан стана првата држава без земја, народ, нација, историја, книжевност, симболи, фолклор… првата држава без ништо… заради што, Метафизичката управа со акламација го прогласи Апсурдистан за – првата трансцендентална држава.

Сепак, остануваат неодгатнати две тајни. Првата е што се случи со буквата „В“. Околу тоа,  ќе му откријам на читателот, во строга доверба, дека за буквата „В“ работите, најпосле не испаднаа така лошо, таа имено се омажи со вино од сортата „Вранец“ и заедно емигрираа од Апсурдистан, патувајќи низ чашите и грлата на пробрани писатели и поети, меѓу кои е и авторот на овие редови. Втората е, дека од сите работи што почнуваат на буквата „в“, Апсурдистан ја задржа само најнепотребната, или политички коректно кажано, само најпотребната, имено својата влада. Како му успеа тоа без буквата „В“, навистина не знаеме, но, во јадноста се шпекулира дека, во најстрога тајност, апсурдистанската „влада без ‘в’“ ја изнајмила од својот источен сосед буквата „Б“ да глуми на местото од буквата „В“ во тој збор од непроценливо значење за демократијата.

 

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ