Здружениот генералштаб на војската на Јужна Кореја денеска издаде соопштение во кое предупредува дека ветерот може да ги разнесе балоните во областите северно од главниот град Сеул, пренесува АП.
Градската управа на Сеул и провинциската влада Ѓеонгги-до издадоа предупредувања со кои ги повикуваат граѓаните да внимаваат на предмети кои паѓаат од небото и да ја известат војската или полицијата доколку забележат какви било балони.
Северна Кореја лансираше повеќе од 2.000 балони полни со отпадна хартија, остатоци од ткаенина и догорчиња од цигари кон југот во последните недели како одмазда за јужнокорејските граѓански активисти кои испраќаа пропагандни летоци против официјален Пјонгјанг на север.
Северна Кореја е исклучително чувствителна на каква било надворешна критика на авторитарниот режим на нејзиниот лидер Ким Џонг Ун и Пјонгјанг ги осудува пропагандните активности на Јужна Кореја.
Кога Северна Кореја последен пат лансираше балони кон југ на 24 јули, отпадот што го носеше барем еден од балоните слета на претседателскиот комплекс и ја зголеми загриженоста за ранливоста на клучните јужнокорејски државни објекти.
Тој балон не содржел опасен материјал и нема повредени, соопшти подоцна безбедносната служба на претседателот на Јужна Кореја.