Елиф Елмас остана на клупата за резерви на мечот меѓу Лајпциг и Јувентус, а неговите соиграчи прокоцкаа предност со фудбалер повеќе.
Мечот почна одлично за Лајпциг, со гол на Шешко во 30. минута поведоа со 1-0, тоа беше резултатот по првиот дел.
По пет минути игра во вториот дел Душан Влаховиќ го изедначи резултатот, а само девет минути подоцна Ди Грегорио доби црвен картон, Јувентус остана со играч помалку.
Шешко реализираше пенал, негов втор гол за водство на Лајпциг од 2-1, сите очекуваа победа, но следуваше шоу на Јуве.
Најпрво Влаховиќ постигна прекрасен гол за 2-2, а во 82. минута минута гол даде Консеисао за комплетен пресврт и победа на Јувентус од 3-2.
Астон Вила одигра фантастичен меч пред своите навивачи и заслужено се радуваше на победа во Лигата на шампионите. Клучниот момент се случи во 79. минута кога Дуран постигна прекрасен гол за победа од 1-0.
Разочарување вечерва приреди и Реал Мадрид за своите навивачи, кралскиот клуб со 1-0 загуби на гостувањето кај Лил.
Во самиот финиш од првото полувреме Камавинга играше со рака во сопствениот шеснаесетник, судијата покажа на белата точка, Давид реализираше за водство од 1-0.
Реал Мадрид се обидуваше во вторито дел да се врати во игра, но не успеа, домаќините ја задржаа предноста.
Стефан Ристовски и Аријан Адеми беа стартери за Динамо Загреб на денешниот меч против Монако. Ристовски го одигра целиот меч, а Адеми излезе во 63. минута.
Динамо Загреб поведе во самиот финиш од првиот дел со гол на Сучиќ, а Батурина со прекрасен погодок од далечина во 66. минута зголеми на 2-0.
Монако со гол на Салису во 74. минута успеа да намали на 2-1 и да се врати во игра, а во 90. минута Закарија погоди од пенал за конечни 2-2.
Бенфика со неверојатни 4-0 го победи Атлетико Мадрид. По еден гол дадоа Актуркоглу, Ди Марија, Бах и Кокчу.
Ливерпул со голови на Мекалистер и Салах ја победи Болоња со 2-0.
Клуб Бриж со 1-0 победи на гостувањето кај Штурм во Грац.