петок, 18 октомври 2024

Јавноста ќе се шокира кој сè примал мито во аферата „Маџар телеком“!?

Објавено на

часот

Сподели

„Никој нема да куртули“ – најавува првиот обвинител

Љупчо Шврговски, првиот човек на македонското обвинителство, вчера првпат најави дека аферата со „Македонски телеком“ и „Маџар телеком“ ќе има разрешница. Ова го најавија и поранешните директори на АЕК и на финансиската полиција, Зоран Трајчевски и Миодраг Лабовиќ, во дебатната емисија „Од наш агол“, која се емитуваше на Македонската телевизија.

„Сите што се вмешани, а што мислат дека ќе куртулат од законот, нека не спијат мирно. Случајот ќе има разрешница. Некој се обидува да направи збрка преку шпекулации во јавноста, но ние како обвинителство не работиме со шпекулации, туку само со конкретни докази. Кога ќе бидат обезбедени доказите, ќе може да се пишуваат и обвиненијата. Сè дотогаш јас не би сакал да влегувам во детали и да се шпекулира со имиња. Оти во кривичната постапка законот е јасен – кога покренуваш обвинение, мора да имаш докази, и тоа конкретни и јасни. Кога обвинувате некого, обвинувате со докази“, рече Шврговски.

Тој нагласи дека во моментов нема никакви конкретни докази за обвинение против ниедно лице од Македонија.

„Работиме максимално ангажирано. Ги собираме и ги обработуваме сите информации до кои доаѓаме. Соработуваме одлично со американското обвинителство, кое ни испрати еден куп документи за случајот. Ги анализираме и сè уште ги преведуваме. Но, за жал, од сите досегашни направени анализи, морам да кажам дека во моментов немаме конкретни докази да покренеме обвинение“, рече главниот државен обвинител.

Зоран Трајчевски, поранешен директор на Агенцијата за електронски комуникации, во дебатната емисија изјави дека очекува „во разумен временски период да бидат обелоденети имињата на корумпираните македонски политичари“.

„Убеден сум дека јавноста ќе биде изненадена кога ќе бидат обелоденети имињата. Многу веројатно дека ќе се обелоденат и имиња за кои ретко кој очекувал дека би можело да бидат вмешани во оваа афера“, рече тој.

Истото го очекува и Миодраг Лабовиќ, професор на Факултетот за безбедност и поранешен прв човек на финансиската полиција.

„Не гледам никаква причина сегашните државни институции да го забошотат случајот. Очекувам тој да биде решен и да има казна за лицата што ја оштетиле државата на тој начин што го одложувале влезот на третиот мобилен оператор за одреден финансиски надомест“, нагласи Лабовиќ.

Аферата ја разоткри американската комисија за хартии од вредност

Аферата со поткуп на државни функционери од страна на „Маџар телеком“ пукна откако американската комисија за хартии од вредност поднесе тужба против оваа компанија, во која наведува дека „Маџар телеком“ поткупил македонски политички функционери за да го спречат и да го одложат влегувањето на трет мобилен оператор.

Првиот договор за поткуп на висок претставник од власта, кој во интерната имејл-комуникација меѓу директорите се нарекувал „Протокол за соработка“, бил постигнат во мај 2005 година. Вториот бил постигнат со албанскиот партнер во тогашната влада, во август истата година, откако надлежните од телекомуникациската фирма сфатиле дека ако не ја вклучат малцинската партија во игра, зделката може целосно да им пропадне.

На двете страни поткупот им бил исплатен во исто време, и тоа преку преку грчки посредник, а за наводни консултантски и маркетинг услуги.

Станува збор за докази што ги поседува американската комисија за хартии од вредност и кои ги има наведено во тужбата против „Маџар телеком“.

Првиот корупциски договор, открива во својата тужба американската КХВ, во име на „Маџар телеком“, на 25 мај 2005 година прв го потпишал Елек Штрауб, тогашен извршен директор на компанијата, а на 27 мај, два дена подоцна, го потпишале и Андраш Балог, поранешен директор за стратегија, како и македонскиот претставник.

Како што се наведува во извештајот на комисијата, тие констатирале дека албанскиот партнер во македонската влада ги држи клучните ресори со кои се регулира областа на телекомуникациите, вклучувајќи ги и распишувањето на тендерот за третиот мобилен оператор и подготовките на подзаконските акти за новиот закон за либерализација на телекомуникацискиот пазар. Условот за директорите, открива Американската комисија, бил да се исплати и малцинскиот партнер во рок од два месеца, бидејќи стравувале дека во спротивно партнерот „ќе го минира договорот“.

Од „Маџар телеком“ реагирале експресно, па вториот договор, со иста содржина како и првиот, бил потпишан и со претставник на албанскиот коалициски партнер во август истата година.

Подмитувачите, за да ја постигнат целта, покрај финансискиот поткуп, ветиле и дека ќе обезбедат значајна деловна можност за малцинската политичка партија, се вели во тужбата на американската КХВ.

Кој сè би можело да биде корумпиран?

Премиер на Македонија во тоа време беше Владо Бучковски, а директор на Агенцијата за електронски комуникации беше Коста Трпковски. Министер за транспорт и врски беше Џемали Мехази, а Димитар Бузлевски беше претседател на Акционерското собрание на Телекомот до 2005. Потоа на неговото место дојде професорот Таки Фити. Претседател на Бордот на директорите на Телеком до октомври 2006 беше Дејан Мицковиќ, а потоа на неговото место дојде професорот Борче Давитковски.

Станува збор за познати имиња поврзани со секторот за телекомуникации и со јавните функции во тоа време и затоа зачудува изјавата на Зоран Трајчевски дека очекува јавноста да биде шокирана кога ќе се обелоденат имињата на корумпираните.

Македонските политичари зеле 4,9 милиони евра, а црногорските 7,4

Според доказите на американските иследници, „Маџар телеком“ на македонски официјални претставници им платил поткуп од 4,9 милиони евра во 2005 и 2006 за да го одолжуваат отворањето на пазарот за безжична телекомуникација во земјава за нова конкуренција.

„Маџар Телеком“ не штедел евра ни во Македонија ни во Црна Гора

Истиот корупциски план „Маџар телеком“ го спровел и во Црна Гора, каде што на тамошни владини претставници им дале мито од 7,4 милиони евра за државното телекомуникациско претпријатие да премине во рацете на „Маџар телеком“.

„Маџар телеком“ се соочи со три обвиненија, едно за подмитување и две за лошо водење евиденција, а „Дојче телеком“ уште и за прекршување на прописите за внатрешна контрола, што е спротивно на американскиот закон за борба против корупцијата надвор од територијата на САД.

Тој закон се применува за американските фирми, како и за странските компании што работат на подрачјето на САД.
Во периодот наведен во тужбата, со акциите на „Маџар телеком“ се тргувало на берзата во Њујорк.

„Дојче телеком“ и „Маџар телеком“ се согласија да ја платат паричната казна со цел да избегнат судска тужба, при што не мораа да ја признаат вината.

Спогодбата значи крај на истрагата против „Дојче телеком“ без кривична тужба.

Истрага поради обвиненијата за поткуп со години водеа и германските правосудни органи. Истрага се водеше и против шефот на „Дојче телеком“, Рене Оберман. Нему му се префрлаше дека на средба со првиот човек на „Македонски телеком“, во 2005 година, го условил исплаќањето на дивидендите со неотворање на македонскиот телекомуникациски пазар за други конкуренти.

Тоа обвинителството го доведуваше во врска со наводен поткуп на трети лица. Оберман веднаш решително ги отфрли обвинувањата.

Во почетокот на јануари годинава обвинителството во Бон ја запре истрагата против Оберман поради тоа што сомневањата не се потврдиле.

Корупцијата во Телеком ја оштети Македонија за повеќе од 1,8 милион евра

Штетата за Македонија од корупцијата во Телеком се проценува на 1,8 милион евра.

Од МВР информираа дека таа е направена на тој начин што се склучувале договори за консултантски услуги што никогаш не биле реализирани.

Имало договор за лобирање за закон што веќе бил донесен, друг договор во деловните книги бил заведен 3 месеци пред воопшто да биде склучен, или пак договор за рекламирање заради издавање телекомуникациски вод, иако водот веќе го издавале.

Потписник кај сите пет штетни договори од една страна е Гркот Кефалојанис, за кој постои сомнение дека е посредникот, а од другата страна МВР ги осомничи и Атила Сендреј, тогашен извршен директор на Телеком, Ролф Плат, финансиски директор, и Золтан Кишјус, извршен директор во „Камени Мост комуникации“.

Корупцискиот скандал предмет на препукувања меѓу власта и опозицијата

По обелоденувањето на корупцискиот скандал почнаа и политичките препукувања меѓу ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ.

СДСМ побара од институциите да го расветлат случајот и изјави дека се сомнева оти власта сакала да го забошоти. Од друга страна, ВМРО – ДПМНЕ возврати дека во времето на корупцискиот скандал власта била во рацете на СДСМ, така што само нивни припадници што биле функционери тогаш можело да бидат корумпирани. ВМРО – ДПМНЕ побара од СДСМ да престане да ја користи ВМРО – ДПМНЕ за пресметување меѓу „бучковистите“ и „бранковистите“.

Со ВИП цените во мобилните услуги вртоглаво паднаа

Првпат Македонија доби мобилен оператор во 2000 година, кога германски „Дојче телеком“ купи 51 отсто од акциите на „Македонски телекомуникации“.

Разговорите на мобилен веќе не се луксуз

Во 2001 година државата објави тендер за втор мобилен оператор.

На овој тендер, покрај грчки „ОТЕ“, се јавија и македонскиот оператор „Линк телеком“, тогаш познат по пејџерите, и британскиот меѓународен телеком оператор „Минт телеком“. Тендерот го доби „ОТЕ“.

Четири години потоа, во септември 2006 година, Владата распиша тендер за трет мобилен оператор. Тендерот го доби ВИП.

Претходно следуваа жестоки собраниски дебати меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Првите се залагаа за влез на трет мобилен оператор, а вторите жестоко го оспоруваа тоа со аргументи дека тоа не би му користело никому и дека би било финансиски неисплатливо за државата.

Емил Зафировски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ