четврток, 24 октомври 2024

Јапонскиот премиер им се извини на илјадниците сонародници кои биле насилно стерилизирани

Јапонскиот премиер Фумио Кишида официјално им се извини на луѓето кои биле насилно стерилизирани во втората половина на минатиот век. Законот за евгеничка заштита, кој важел од 1948 до 1996 година, им дозволувал на властите насилно да ги стерилизираат болните луѓе, вклучително и оние со ментални нарушувања, наследни болести или физички деформитети и лепра.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Контроверзниот закон дозволувал и присилни абортуси доколку еден од родителите бил болен. Најмалку 25.000 луѓе се стерилизирани поради тој закон, рече Кишида, кој вчера во својата службена резиденција се сретна со околу 130 живи жртви на присилната стерилизација.

„Решив да се сретнам со вас денес за лично да го изразам моето каење и извинување за огромното физичко и ментално страдање што го претрпеа многу луѓе според поранешниот Закон за евгеничка заштита“, рече Кишида, според јавната телевизија НХК.

Тој додаде дека законот е неуставен и ги нарушува човековите права и достоинството на поединецот. Тој потврди дека им наредил на властите да подготват нов план за компензација на преживеаните, без да даде детали. Владата претходно понуди отштета од 3,2 милиони јени (околу 19.000 евра) по тужител, но тужителите се согласија дека тоа е премалку.

Тужителите извојуваа значајна победа претходно овој месец, кога јапонскиот Врховен суд ѝ наложи на владата да плати 16,5 милиони јени (околу 97.000 евра) на секој тужител и 2,2 милиони јени (околу 13.000 евра) на нивните сопружници.

Кикуо Коџима, еден од тужителите, опиша како бил однесен во болница кога имал 19 години, каде што бил „наречен ‘шизофреничен’ и бил принуден на евгеничка операција“. „Никогаш нема да го заборавам тоа“, нагласи тој.

Други тужители раскажаа дека по операциите со години биле врзани за кревет, се соочувале со дискриминација во текот на целиот живот, не биле способни да работат поради физички и ментални потешкотии и сакале нивните тела да се вратат во својата „првична“ состојба.

Јапонија доживеа краток бејби бум по Втората светска војна, што ги вознемири властите кои се бореле со голем недостиг на храна низ целата земја и економија разурната од војна. Владата побрзала да спроведе мерки за контрола на населението, вклучително и национална кампања за промовирање на контрацепција и Законот за евгеничка заштита.

Целта на законот била „да се спречи зголемувањето на инфериорното потомство од евгеничка гледна точка и да се заштити животот и здравјето на мајката“. Покрај официјалното извинување, обвинителите побарале и закон за отштета од кој ќе имаат корист сите преживеани, дури и оние кои не поднеле тужби.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ