среда, 23 октомври 2024

Јанушев бара истрага за имотите на обвинителката Стефанова и судијата Шабани

Постојат индиции за неправилности во работата на јавната обвинителка Лиле Стефанова па надлежните институции треба да се позанимаваат со нејзиниот имот, изјави генералниот секретар на Владата и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

Објавено на

часот

Сподели

Јанушев во поткаст за Канал 5 побара од Обвинителството по допрен глас да го провери нејзиниот имот и потенцира дека се сомнева во неправилности.

„Еве нека го испитаат предметот во врска со тоа колкава наплата е направена од запленетиот имот на господинот Мијалков и дали тука има штета на Буџетот. Запленет е имот од 30 милиони евра, од тие наплатени се само околу 350 илјади евра и тоа се единствените запленети и истите кои тој повторно си ги купи, истата обвинителка“, кажа Јанушев и рече дека Стефанова била обвинителка и во неговиот случај.

Тој се осврна токму на случајот „Дизајн“ во кој тој беше обвинет од страна на поранешното СЈО, за набавката на кинеските автобуси, предмет кој потоа го презеде обвинителката Лиле Стефанова која тогаш беше во Обвинителството за гонење на организиран криминал, а кон крајот на минатата година премина во Републичкото јавно обвинителство.

„Јас сум единствен кој е оштетен затоа што ми е ускратено правото да докажувам невиност. Доколку пресудата беше правосилна ќе можеше да барам правда во сите инстанци, а вака јас сега сум оштетен. Јас правдата сепак ќе ја барам пред судот во Стразбур. Мислам дека апликацијата е веќе прифатена. Во обвинението кон мене, иако ме обвинуваа за пет милиони евра штета, не се споменува сума, ниту финансиска штета за државата3, потенцира Јанушев.

Тој апелираше до надлежните да го проверат имотот на некои судии, а конкретно го спомена името на судијата од Апелацискиот суд Скопје, Осман Шабани.

„Нека го проверат имотот на судијата за мојот предмет, Осман Шабани. Или нека ја проверат неговата куќа во Сарај за која имам сериозни индиции дека е дивоградба. Нека го проверат и возилото кое го вози“, рече Јанушев.

Тој укажа дека возилото може да се провери или види секој ден пред Апелацискиот суд.

„Возилото е паркирано со интересна ‘џемсбондовска’ регистарска табличка 001. За истото треба да се провери на чие име е пријавено и кој го вози“, посочи Јанушев.

Инаку, судијата Осман Шабани додека беше судија во Основниот кривичен суд Скопје, го водеше токму случајот „Дизајн“ и лани во септември го осуди Јанушев на две години затвор условно за пропусти при набавката на кинеските автобуси. Јанушев беше директор на ЈСП Скопје во 2010 година кога беше направена набавката на двокатните автобуси за потребите на градскиот превоз во Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ