четврток, 25 јули 2024

Јаневска: Владата нема волшебно стапче до септември да обезбеди учебници за седмо одделение

Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО) ќе утврдат по кои учебници ќе учат седмоодделенците во претстојната учебна година бидејќи до 1 септември не ќе може да се отпечатат нови согласно новите наставни програми од Концепцијата за основно образование, изјави денеска министерката Весна Јаневска.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Јаневска рече дека за ден-два ќе биде соопштено како ќе учат основците во седмо одделение, посочувајќи дека иако било кажано дека учебници на 1 септември ќе има и за седмо одделение, „фактичката состојба е сосема различна“.

„Волшебно стапче да имаме, ние до септември како Влада не можеме да стигнеме да обезбедиме учебници за седмо одделение. Ниту еден учебник за седмо одделение не е даден во печат. Не само што не се дадени во печат, огромен број од нив не се одобрени. Некои не се ни напишани, значи не е креиран учебникот. Некои не поминале рецензија“, изјави Јаневска пред отворањето на конференција за инклузивно образование организирана од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Поради тоа, неколку дена,  рече, имаат разговори со Бирото за развој на образованието за да се надмине проблемот, а решението веројатно е учениците од седмо и наредната година да учат од старите учебници, односно тие што беа досега во употреба. Доколку законот, рече, не дозволува, за одреден период ќе биде одложена примената на Концепцијата за преостанатите одделенија – седмо, осмо и деветто.

„Со тоа што мора да провериме дали тие учебници одговараат на наставните програми. Имаме едно образложение од Бирото дека се прилично компатибилни, освен за две до три теми за кои може да се направат наставни материјали. Но, разговорите и дискусиите сѐ уште траат и доколку законското решение не дозволува ништо поинаку, ние ќе ја одложиме концепцијата на извесен период за да може учениците од седмо, осмо и деветто одделение да имаат учебници“, посочи Јаневска.

Министерката додаде дека наставниците ќе треба да бидат спремни да им ги предаваат темите на учениците со тоа што ќе обезбедат одредени наставни материјали од кои децата ќе учат, да им посочат друга литература, интернет литература.

„Мене ми е многу жал, но во Македонија ниту учениците, ниту наставниците се спремни да работат комплетно без учебници. Но, не е така страшно затоа што некои земји од Западот, на пример Шведска, кои користеле само дигитални учебници или воопшто не користеле, увиделе дека е потребно да им се вратат учебниците на децата од многу причини“, додаде министерката.

Минатата недела Јаневска на средба со директорот на БРО, Абдулфета Фета рекла дека тоа што не дава резултати, мора да биде променето.

„Одредени аспекти на Концепцијата за основно образование ќе претрпат измени, затоа што ниту наставниците, ниту учениците и родителите не се задоволни од имплементацијата и постигнатите ефекти. Планираме Историја, Географија, Граѓанско образование и други предмети, повторно да се изучуваат како одделни предмети, а не како во моментов да бидат фузирани и да се создава конфузија кај наставниците и учениците кои навистина секојдневно се прашуваат по кој предмет имаат час. Материјата мора јасно да биде разграничена, како што е пракса и во најголем дел од земјите во Европа и пошироко“, посочила Јаневска.

Минатата недела Јаневска изјави дека за учениците во основното образование ќе има учебници на почетокот на учебната година, а за средношколците ќе има во најголем дел.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ