четврток, 21 ноември 2024
Министерката за образование за состојбата во образованието поради хаосот со превозот

Јаневска ги поддржа студентите за протестот, на учениците вели им е одземено правото на образование

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска денес во одговор на новинарско прашање во врска со состојбата со превозот и отсуството на учениците во училиштата, вели дека состојбата во Скопје е многу лоша и дека учениците и родителите прават најдобро што можат. Таа додава дека е срамота да им се оневозможи на учениците да го немаат основното право на образование кое им е загарантирано со Уставот. Денес училишните клупи останаа празни бидејќи учениците немаа со што да стасаат на часови. Во врска со утрешниот најавен протест на студентите, Јаневска им даде поддршка.

Објавено на

часот

Сподели

„Анализата на МОН од е дневникот покажа дека нема значајна разлика на изостаноци од овој период во годината во споредба со истиот период од минатата година. Учениците и родителите прават најдобро што можат за да се надмине состојбава со превозот, но и наставниците имаат разбирање за тоа кога учениците се отсутни. Состојбата е многу лоша и срамота е да им се оневозможи на учлениците да го немаат правото на образование кое е загарантирано со Уставот. Мора да се изнајде решение за оваа ситуација, бидејќи е недозволиво промените кои ги правиме за образованието да бидат оневозможени поради неоргазнизираност. Искрено се надевам дека градските власти под итно ќе најдат решение“, вели Јаневска.

Во врска со протестот на студентите кој е најавен за од утре, а со кој ќе се изрази револтот за лошата состојба со градскиот превоз, министерката Јаневска им даде поддршка на студентите.

„Апослутно се во право и имаат право на било каков соодветен начин да го решат својот проблем. Ако сметаат дека тоа е со протест, ја имаат мојата поддршка“, додава Јаневска.

Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје вчера испрати соопштение во кое има голем број поплаки од состојбата во која се наоѓаат студентите поради нередовниот превоз.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ, Александар Николоски, бара итно воспоставување на редовните линии и враќање во нормала на функцијата на јавниот превоз и воведување нови и ефикасни транспортни решенија. Нивните барања се упатени на адресата на градоначалничката Данела Арсовска и на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје. Ако не се најде решение за јавниот превоз, над 28.000 студенти ќе излезат на протест и ќе им се приклучат на граѓаните, кои веќе најавија дека в петок излегуваат на улица.

Градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, за в петок (22 ноември) најави протест пред зградата на Град Скопје од 13.30 часот. Причина за протестот е влошената состојба со јавниот превоз, кој предизвикува огромни проблеми на граѓаните.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ