недела, 14 јули 2024

Извештај на Министерството за култура: Криминали и кривични дела во Агенцијата за филм

Бројни се кршењата на законските одредби, непочитувањата на процедурите, на кодексите и етичките норми, неселективност во работата, тесна спрега меѓу Управниот одбор на Агенцијата за филм со одговорните лица во Друштвото на филмски работници на Македонија, седум години едни исти лица кои со во деловни врски со ДФРМ одлучуваа за парите на АФ… Ова е само мал дел од извештајот (на 41 страница) на Работната група за утврдување на состојбите во АФ формирана од министерот за култура. Контролата била извршена во текот на април и мај 2024 година.

 

Објавено на

часот

Сподели

Со овој извештај само се потврдија и се проширија наодите на Државниот завод за ревизија, на Државната комисија за спречување на корупцијата, на  Транспаренси интернешнел за работата на Агенцијата за филм, која е владин орган согласно Законот за филмска дејност.

Од овој извештај може да се заклучи дека се сторени десетина можни кривични дела за  злоупотреба на службената положба или несовесно работење на службата заради кои е оштетен државниот буџет. Наведени се бројни случаи на непотизам и клиентелизам.

„Агенцијата за филм не работи во согласност со Законот за филмска дејност и другите позитивни закони. Видливо е еклатантно непочитување на законската регулатива односно (не) носење на одлуки од страна на одговорните лица на АФ (во најголем дел од периодот кога директор односно в.д. директор бил Бојан Лазаревски) и непочитување на предвидените законски постапки. Ваквата пракса многу често била поддржувана и/или не била санкционирана од страна на Управниот одбор на АФ.

Во 2022 година АФ распределила 330.906.250 денари (двојно повеќе од средствата предвидени за филмска дејнсот во буџетот) со што не само што го оштетила буџетот, туку го загрозила остварувањето на филмската дејност во следните 5 години. Сметководствена евиденција на АФ не е во согласност со склучените преддоговори и договори. Едни исти лица одлучуваат 7 години последователно  кои се во деловни врски и со Друштвото на филмски работници на Македонија, без да се почитуваат начелата на законитост, еднаквост, јавност, неселективност и отлетност. Не се почтутуваат кодексите и етичките норми  и професионални стандарди на избраните и именуваните функционери. Тесна спрега меѓу управниот одбор на АФ и ДФРМ при носењето на одлуките…“, пишува во заклучоците од извештајот на оваа работна група.

Во периодот за кој се однесува извештајот, од 2017 година до денес, директори на Агенцијата именувани од Владата се Горјан Тозија, Бојан Лазаревски и Владимир Ангелов, кој е на чело на институцијата од февруари 2024 година. Најголем дел од законските прекршувања се случиле во периодот кога директорувал Лазаревски, кој претходно бил член на УО на Агенцијата. Владата, иако знаела за лошиот учинок на Агенцијата и имала основ да го разреши Лазаревски затоа што не ги усвојувала годишните извештаи, тоа не го сторила.

Владата не ги усвојуваше извештаите за работа на АФ, ниту согласно негативните мислења на Министерството за култура преземаше конкретни дејства за директорот и УО. Извештаите Владата ги разгледуваше како материјал за информирање, што е спротивно на Законот за филмска дејност“, се вели во извештајот.

Работната група утврдила дека 39 проекти добиле околу 50 милиони денари (813 илјади евра), а не снимиле филмови, ниту пак ги вратиле парите. Агенцијата толерирала фалсификувани документи поднесени од повластени продуценти. Работната група утврдила и дека се местени конкурси од лица со судир на интереси, како и дека Агенцијата со години незаконски му исплаќала пари на здружението Друштво на филмските работници на Македонија. Ова Друштво, кое е организатор на Фестивалот Браќа Манаки, пак, со години не поднесува финансиски извештаи за истиот. Исто така, утврдено е дека незаконски се извлекувани пари преку фестивалот „Златна рамка“.

Агенцијата за филм работи нетранспарентно, неотчетно, неодговорно, во работата повластува одредена група на продуценти и работи спротивно на Законот за филм и другите закони. Работата на АФ е подредена на субјективизмот на мал број на лица кои имаат одлучувачки функции во остварувањето на нејзините надлежности. Таквото констатирано работење создава сомневање за постоење индиции за прекршување и на Кривичниот законик“,  се вели во извештајот.

Агенцијата не вршела контрола на тоа до каде се проектите кои ги финансирала, не барала редовно да се поднесуваат шестмесечни извештаи, што е законска обврска и на крај, кога филмот не е снимен во предвидениот рок, не барала поврат на партите од продукциските куќи кои не го почитувале рокот од пет години.

Од проектите кои беа опфатени со увидот, работната група стекна уверување дека во исти околности кога повеќе филмски продуценти ги исполниле условите од преддоговорите и се стекнале со право да склучат договори, директорот на Аф дискреционо избирал со кого ќе склучи договор и кому ќе му додели пари за филм, а на одбиените не им доставувал известувања со образложение. Ова остава простор за сомнеж дека директорот на АФ одредени филмски продуценти ги ставил во повластена положба, што создава индиции дека ја злоупотребил службената положба. Констатирано е и дека некои проекти се исплатени и до 90 отсто од сумата уште на почетокот на снимањето, а истите не се ни прикажани. АФ не води ажурна евиденција за реализација на филмските проекти и нетранспарентно и без почитување на законските обврски врши исплата на продуцентските куќи. Агенцијата, исто така, не ја следи важноста на банкарските гаранции“, се вели во извештајот.

Голем проблем во работењето на АФ, според извештајот, е и тоа што работата на Агенцијата во најголем дел се врши преку надворешни лица, а редовно вработените не се вклучени во работата.

Во извештајот се вели дека АФ со години, спротивно на законот, го финансирала Друштвото на филмски работници. Парите од 2018 до 2021 година се одобрувани од Бранко Петровски, кој во тоа време бил финансиски советник на директорот на АФ и претседател на Надзорниот одбор на Друштвото на филмски работници. Претседател на ДФРМ е Игор Иванов – Изи, а генерален секретар е Томи Салковски.

Во врска со одлуката за прекинување на натамошното финансирање на филмот „Биста“ на продукцијата „Банана филм“ на Милчо Манчевски работната група вели дека Агенцијата одлуката ја донела врз основа на погрешна примена на Законот за управна постапка.

Во однос на судирот на интереси во извештајот пишува дека членови на УО, рецезенти и финансиски советници имаат конфликт на интереси поради реваншизам и дисктиминација кон автори кои конкурирале на конкусрот за поддршка на филмски проекти во втор рок во 2022 година. Очигледна е концентрацијата на моќ која се манифестира во изборот на советници и рецезенти кои имаат тесни деловни врски со раководството на ДФРМ – Снежана Станковиќ е адвокат на ДФРМ и на продуцентските куќи на Игор Иванов и на Томи Салковски, а е именувана и за член на УО на АФ; Бранко Петровски е финансиски советник на АФ и претседател на Надзорниот одбор на ДФРМ; Ана Василевска е член на Филмскиот совет, филмски рецезент во АФ и истовремено учествува во реализација на проект поддржан од АФ (манифестација „Златна рамка“); Косара Митиќ, режисер на филмот „Црвената соба“ на кој продуцент е Кристијан Буровски, внук на Томи Салковски, а копродуцент е Салковски, e ангажирана во АФ за филмски рецезент… За членови се избрани повеќе личности кои имаат или имале деловна соработка со Игор Иванов и Томи Салковски.

Интересно е и тоа што токму ДФРМ, на 4 јуни во отворено писмо потпишано од Игор Иванов, Лабина Митевска, претседател на секцијата продукција при ДФРМ и Даријан Пејовски, претседател на секцијата режија при ДФРМ, бараат од органите во Агенцијата за филм, од техничкиот и идниот Министер за култура и од техничката и од новата македонска Влада, како и од останатите релевантни државни институции, итно разгледување на состојбите во Агенцијата за филм и итно запирање на лажната слика која се креира за состојбите во филмската дејност, кога во суштина филмските работници, автори и продуценти ги живеат најлошите денови во историјата на македонската кинематографија.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ