четврток, 13 јуни 2024
Отворено писмо до јавноста

ДФРМ: Македонскиот филм е доведен до колапс! 

Бараме од органите во Агенцијата за филм, од техничкиот и идниот Министер за култура и од техничката и од новата македонска Влада, како и од останатите релевантни државни институции, итно разгледување на состојбите во Агенцијата за филм и итно запирање на лажната слика која се креира за состојбите во филмската дејност, кога во суштина филмските работници, автори и продуценти ги живеат најлошите денови во историјата на македонската кинематографија, се вели во отвореното писмо потпишано од Игор Иванов, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија, Лабина Митевска, претседател на секцијата продукција при ДФРМ и Даријан Пејовски, претседател на секцијата режија при ДФРМ.

Објавено на

часот

Сподели

Писмото го пренесуваме во целост:

„Наспроти ваквиот однос на институциите, македонскиот филм години наназад е амбасадор на македонската култура во светот и успесите кои нашите филмови ги имаат во последните 5 години гордо го веат македонското знаме на најголемите светски филмски фестивали во Кан, Венеција, Берлин, Парк сити, Карлови Вари, а македонската јавност беше особено горда кога успеавме да имаме и две номинации за Оскар.

Загрозувањето на остварените соработки, кои се грижливо градени низ годините, со многу труд и залагање на многумина од нас, филмските професионалци, претставува не само тажен чекор назад за македонската кинематографија, туку и голем срам и оцрнување на севкупниот имиџ на нашата култура и држава, на патот кон толку посакуваната европска иднина.

И покрај нашите бројни предупредувања во 2023 година, македонскиот филм доби буџет за 2024 кој не е доволен за елеметарно да се покријат потребите на нашата кинематографија и кој ја води во нејзино забрзано системско распаѓање.

Во моментов во јавноста успешно се креира сликата од типот ‘барем се снима’ само затоа што во периодов е завршена или во тек е реализација на четири долгометражни играни филмови, а во текот на летото се очекува да започнат со снимање уште најмалку четири филма.

Она кое што е катастрофално и погубно за нас филмаџиите, а особено за филмските продуценти, во оваа ‘барем се снима’ слика, е фактот што дел од овие филмови средствата ги имаат добиено во 2023 година, а оние кои добиваат средства оваа година мора да се согласат на половични ислати кои не се во колерација со досегашните стандардни исплати и договорно утврден процент кој продуцентите го добиваат за снимање, од одобрените средства од Агенцијата за филм.

Ваквата ситуација во пракса значи дека секое отпочнување на филм носи несигурност и страв затоа што долгот од речиси 4.000.000 евра кој Агенцијата за филм го има кон филмските продуценти, за проекти кои се одобрени на конкурс и се стартувани до овој момент, се зголемува, без притоа да се има јасен план како и кога продуцентите ќе можат да ги очекуваат средствата кои и самите ги должат кон филмските работници, авторите, актерите и останати соработници и тоа за филмовите кои се веќе снимени и за добра и услуги кои се одамна веќе реализирани.

Несигурност и страв дополнително внесува и нефункционалноста на процедурата за прегледувањето на извештаи за наменско трошење на средства во Агенцијата за филм, проблем кој трае од нејзиното основање до денес. Во Агенцијата постојат извештаи кои се предадени и пред една, две години, а кои кои до ден денес не се прегледани.

Поради немање на соодветна служба и поради неможноста за ангажирање на надворешни лица, во изминативе четири месеци во Агенцијата за филм дополнително се таложат поднесени, а непрегледани извештаи, со што сакајќи или не сакајќи, сеедно, дополнително се пролонгира исплаќањето на нови средства спрема продуцентите за веќе реализирани фази од одобрените проекти на конкурс.

Како денес, така и години наназад пролонгирањето на исплаќање на средства за одобрени проекти на конкурс се случува и преку непотпишување на нови договори, односно пролонгирање на потпишувањето на договорите, дури и во случаи кога продуцентите до Агенцијата за филм ја имаат доставено целосната документација согласно законот и имаат обезбедено банкарски гаранции.

За јавноста да има комплетна слика, и ова писмо да не се извади од контекст со прикажување на некаква поинаква состојба, сакаме да напоменеме дека во последните 15-тина години речиси сите македонски долгометражни играни филмови се реализираат како ко-продукции помеѓу неколку земји. Ова значи дека македонските продуценти не снимаат филмови со средства кои се 100% државни и од буџетот на земјава и на Агенцијата, туку станува збор за покомплексен систем за финансирање во кој одолговлекувањето на потпишување на договори, исплати или прегледување на извештаи го загрозува или забавува финансирањето на нашите филмови и во останатите земји, а во некои случаи доаѓа и до раскинување на овие соработки поради пробивање на рокови.

Дополнително, за да се одржи сликата ‘барем се снима’, Агенцијата за филм сериозно почнува да ги загрозува меѓународните договори кои самата таа ги има склучено со останати агенции и филмски центри од регионот и пошироко, да излегува од договорени повеќе годишни соработки кои бараат минимална финасиска партиципација, да го проблематизира плаќањето на котизации за одредени програми во кои Агенцијата е вклучена со цел промовирање на македонскиот филм, автори, актери, продуценти.

Проблематизирањето на веќе донесени одлуки и менувањето на веќе постигнати договори, поради менувањето на раководството во државните институации е нешто со кое сите постојано се соочуваме во изминативе 30 години. Секако, оваа пракса не ја заобиколува ниту Агенцијата за филм, па така со секоја промена на раководство, ние филмаџиите губиме драгоцени месеци во објаснување и запознавање на новите челници со функционирањето и спецификите на нашата дејност.

Секоја промена за нас значи прилагодување на нови правила и ‘револуционерни’ идеи кои никако не одат во прилог на принципите на еднаквост и транспарентност. За жал сме биле, но и денес сме сведоци на нови толкувања на законот за филмска дејност и на негово заобиколување кога е тоа некому потребно.

Токму поради се што е наведено во ова писмо, бараме од органите во Агенцијата за филм, од техничкиот и идниот mинистер за култура и од техничката и идната македонска Влада, како и од останатите релевантни државни институции, итно разгледување на состојбите во Агенцијата за филм и итно запирање на лажната слика која се креира за состојбите во филмската дејност, кога во суштина фимските работници, автори и продуценти ги живеат најлошите денови во историјата на македонската кинематографија.

Со цел доловување на целосната слика, сакаме да информираме дека согласно податоците кои неофицијално ги имаме добиено од Агенцијата за филм, во периодот од 2020 до 2024 година, преку кратење на основното барање на средства за следната година, кое Агецнијата за филм го упатува до Министерство за култура, а преку нив и до Министерство за финансии, и преку ребаланс на буџет во текот на годината, од македонскот филм се одземени околку 8.500.000 евра, но во исто време бројот на поддржани проекти воопшто не е намален.

Како што напоменавме со ваквото континуирано и паушално кратење на буџетот за филм во изминатите 5 години, македонските филмски продуценти тонат во долгови поради ненавремените исплаќање на средства од страна на Агенцијата за филм за одобрени проекти кои се завршени, чија реализација е во тек или кои допрва треба да стартуваат. Воедно, се доведува во прашање егзистенцијата на филмските автори, продуценти, филмски работници и сите останати учесници во процесите на реализација на филмските проекти.

Наспроти ваквиот однос на институциите, македонскиот филм години наназад е амбасадор на македонската култура во светот и успесите кои нашите филмови ги имаат во последните 5 години гордо го веат македонското знаме на најголемите светски филмски фестивали во Кан, Венеција, Берлин, Парк сити, Карлови Вари, а македонската јавност беше особено горда кога успеавме да имаме и две номинации за Оскар.

Постигнувањето на ваков успех, верувајте, не е лесно. Уште помалку е лесно повеќегодишно континуирано одржување на успехот на овој нов филмски бран, кога институциите кои треба да се грижат за македонскиот филм, да го штитат, стимулираат и поттикнуваат, остануваат незаинтересирани и глуви.

Тоа што дополнително загрижува е фактот што преку ваквиот однос кон домашниот филм, се прави огромна штета и врз угледот на државата пред нашите долгогодишни поддржувачи и меѓународни партнери.

Актуелната состојба, нередовното и задоцнето исплаќање на средства, паушалното и ‘сурово’ кратење на буџетот за филм, ја прави Македонија несериозен и недоверлив парнер, а македонските продуценти секојденево се соочуваат со притисоци и закани за меѓународни тужби и откажување на соработки.

Загрозувањето на остварените соработки, кои се грижливо градени низ годините, со многу труд и залагање на многумина од нас, филмските професионалци, претставува не само тажен чекор назад за македонската кинематографија, туку и голем срам и оцрнување на севкупниот имиџ на нашата култура и држава, на патот кон толку посакуваната европска иднина.

Филмот е нашиот живот, нашата сегашност и иднина. Ние резервни професии и животи немаме! Македонскиот филм е доведен до колапс!“

Игор Иванов, претседател на ДФРМ 

Лабина Митевска, претседател на секцијата продукција при ДФРМ 

Даријан Пејовски, претседател на секцијата режија при ДФРМ

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ