Повикот на Бен Гвир е спротивен на официјалниот владин став искажан од премиерот Бенјамин Нетанјаху, дека по завршувањето на војната со Хамас, Израел нема намера повторно да има постојано присуство во Појасот Газа.
Палестинските власти соопштија дека ваквите повици поттикнуваат принудно раселување на Палестинците и ја загрозуваат безбедноста и стабилноста во регионот.
Денес, и Хамас и израелските опозициски политичари ги осудија повиците.
Бен Гвир, кој ја предводи една од помалите националистички партии во десничарската коалиција на Нетанјаху, на конференцијата рече дека враќањето на еврејските доселеници и војската е единствениот начин да се гарантира дека нема да се повтори разорниот напад од борците на Хамас на Израел.
„Ние викавме и предупредувавме“, рече Гвир на настан организиран од групи доселеници на кој присуствуваа стотици луѓе, вклучително и десетина владини министри, според израелската телевизија Канал 12.
„Ако не сакаме да се повтори 7 октомври, мора да се вратиме дома и да ја контролираме земјата. Гвир додаде дека има потреба да се „охрабри емиграцијата“ на жителите на Газа.
Израел, во 2005 година ги повлече својата војска и доселениците од Газа по 38-годишна окупација, во октомври започна жестоки воздушни напади и копнен напад врз енклавата како одмазда по нападот на Хамас.
Присутните доселеници со скандирање ја изразија својата поддршка за обновувањето на еврејските населби во Газа и северниот дел на окупираниот Западен Брег.
Министерот за финансии Безалел Смотрич, уште еден екстремно десничарски член на коалицијата на Нетанјаху, рече дека многу деца кои биле евакуирани од населбите во Газа се вратиле како војници да се борат во војната со Хамас. Смотрич изјави дека во минатото се спротивставил на владината одлука да ги евакуира еврејските населби од Газа.
„Знаевме што ќе донесе тоа и се обидовме да го спречиме“, рече Смотрич. „Без населби нема безбедност“, тврди тој.
Израел најави дека неговата цел е да го уништи Хамас и да ги врати дома повеќе од 130 заложници кои сѐ уште се во заробеништво во Газа, но истовремено додава дека нема намера да остане трајно присутен во енклавата, иако сака безбедносна контрола по крајот на војната.
Најблискиот сојузник на Израел, Соединетите Американски Држави, јасно стави до знаење дека по војната, Појасот Газа мора да продолжи да биде управуван од Палестинците и дека мора да има сериозни чекори кон формирање на палестинска држава.