среда, 30 октомври 2024

Израелскиот министер за одбрана најави дека Хезболах ќе „плати“ за нападот на Голан

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант денеска им рече на семејствата на децата убиени во ракетниот напад во саботата дека либански Хезболах ќе „плати“ за нападот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Проиранскиот екстремистички Хезболах негираше дека го извршил нападот во кој ракета погоди фудбалско игралиште во Маждал Шамса, град во делот на Голанската висорамнина окупиран од Израел.

Тоа беше најсмртоносниот напад врз цивили во Израел и на територијата под негова контрола по нападот на палестински Хамас врз јужен Израел на 7 октомври минатата година.

„Ќе оставиме постапките да зборуваат сами за себе“, рече Галант за време на посетата на ужалените семејства.

Израел размислува како да одговори на нападот, кој ги зголеми стравувањата од сеопшта војна меѓу Израел и Хезболах.

Прекуграничната размена на оган трае од 8 октомври, еден ден по нападот на Хамас што ја предизвика војната во Газа.

Во израелски напади утринава загинаа две и ранети се три лица во јужен Либан, јави либанската државна агенција.

Тие напади не се, како што се чини, одговор на Израел на смртоносниот напад во саботата, туку продолжување на прекуграничните конфликти меѓу Израел и екстремистичкиот Хезболах, забележува Асошиетед прес.

Во меѓувреме, Хезболах почна да распоредува ракети со прецизно наведување додека Израел се заканува дека ќе го нападне Либан.

Еден неименуван функционер близок до организацијата изјави за АП дека позицијата на Хезболах не е променета и дека не сака сеопфатна војна со Израел, но дека ќе се бори без ограничувања доколку избие војна.

Официјалниот претставник рече дека проектилите се преместуваат од неделата за да се употребат ако треба.

Од почетокот на војната во Газа, Хезболах испука илјадници ракети и десетици беспилотни летала наполнети со експлозив во Израел.

Земјата проценува дека Хезболах има арсенал од 150.000 ракети и проектили, вклучително и такви со прецизно наведување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ