среда, 23 октомври 2024

Израел ги нападна Хутите во Јемен по нападот со дрон во Тел Авив, три лица загинати

Израел вчера започна воздушни напади врз Хутите во Јемен, еден ден откако дрон лансиран од групата го погоди Тел Авив. Министерот за одбрана Јоав Галант рече дека неговата земја сака да „испрати порака“ со овој напад. Израел изврши напад на пристаниште во градот Ходеида со борбени авиони Ф-15 и Ф-35.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

„Пожарот што моментално гори во Ходеида се гледа низ Блискиот Исток и пораката е јасна“, рече тој.

Функционерот на Хутите, Мохамед Абдулсалам, извести за „брутална израелска агресија врз Јемен“. Тој рече дека нападите имале за цел да извршат притисок врз Хутите да престанат да ги поддржуваат Палестинците во Газа. „Тоа нема да се случи“, рече тој.

„Воените авиони на ИДФ нападнаа воени цели на терористичкиот режим на Хутите во пристаништето Ходеида во Јемен како одговор на стотиците напади извршени врз државата Израел во последните месеци“, се вели во соопштението на ИДФ. Израелски воен претставник изјави дека биле погодени две цели, вклучително и енергетската инфраструктура. Израел ги информираше своите сојузници пред нападот, кој го извршија борбени авиони Ф-15 и безбедно се вратија во Израел.

Ова е првпат Израел директно да одговори на, како што вели, стотиците јеменски напади со дронови и ракети насочени кон негова територија во последните месеци. Владата во Сана, предводена од Хутите, рече дека Израел погодил складишта за нафта во близина на брегот, како и блиска електрана. Се наведува дека има жртви. Врховниот политички совет на движењето Хути во Јемен наскоро се закани со „ефективен одговор“ на израелските воздушни напади.

Во воздушните напади загинаа три лица, а 87 се ранети, објави во неделата телевизијата Ал Масира, повикувајќи се на јеменското Министерство за здравство. Повеќето од ранетите претрпеле тешки изгореници во воздушните напади чија цел биле нафтени постројки и електрана, објави главната телевизија на Хутите.

Говорејќи по нападот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека неговата земја ќе се брани „со сите средства“. „Секој кој ни наштетува ќе плати многу висока цена за својата агресија“, рече тој во телевизиско обраќање, тврдејќи дека пристаништето била влезна точка за иранско оружје.

Во петокот, станбен блок во Тел Авив беше погоден од, како што рече израелски воен официјален претставник, беспилотно летало од иранско производство кое било модифицирано да лета на долги растојанија. Хутите ја презедоа одговорноста за нападот и најавија нови напади.

Во нападот загина 50-годишен маж кој неодамна се преселил во Израел од Белорусија, а уште осум лица се повредени.

Претставник на израелската одбрана изјави за Си-ен-ен дека ова е 100% израелски напад. Официјалниот претставник рече дека Израел претходно им дозволил на САД и Обединетото Кралство да преземат водство во одговорот на нападите на Хутите, но овој пат решил да одговори сам поради смртта на израелски државјанин во Тел Авив.

Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, рече дека Израел „денеска ѝ нанесе сериозен удар на терористичката организација во Јемен поддржана од Иран“ и предупреди дека „ќе го нападне секој што ги напаѓа“. Тој, исто така, ја повика меѓународната заедница да ги „максимизира санкциите против Иран“.

„Иран ја поддржува, тренира и финансира терористичката организација Хути како дел од својата регионална мрежа на терористички организации чија цел е напад на Израел“, рече тој. „Иран е глава на змијата – мора веднаш да се запре“, додаде Кац.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ