недела, 14 јули 2024

Изјавите на политичарите можат да ја забават екстрадицијата на Палчо

Во обид да им се допаднат на гласачите, да бидат како секој обичен граѓанин кој е гневен по она што ѝ се случи на 14-годишната Вања, политичарите не се воздржуваа во квалификацијата на наводниот двоен убиец и на соучесниците во овој грозоморен чин. Но, правото не трпи емоции. Се отиде дури и дотаму петмината притворени во затворот Идризово да се ишишаат и на голо да се облечат во некакви комбинизони. Сето ова може да се врати како бумеранг во судскиот процес што се чека.

Објавено на

часот

Сподели

Монструми, малоумни, убијци, веќе се пресуди со доживотна казна затвор… изјавуваа министрите за внатрешни работи и за правда Оливер Спасовски и Кренар Лога. Без никаква резерва во смисла на наводни убијци, во смисла на осомничениот сторител на двојното убиство, во смисла на фер судски процес…

И сега кога се чека екстрадицијата на Љупчо Палевски-Палчо од Турција, секој малку поискусен негов адвокат овие изјави може да ги искористи и да каже дека во Македонија нема да добие фер судење.     

Правнички, ваквите изјави се во корист на оној за кого се бара екстрадиција, вели адвокатот Ванчо Митев.

„Со шишањето нуларица (не)свесно ја отежнуваат екстрадицијата. Не сум многу умен, ама сум премногу искусен. Очекувам бегалецот во Турција да ја кочи и да се обиде да ја избегне екстрадицијата. Дали има аргументи да тврди дека во Македонија нема да добие фер судење? Секако дека има , што не значи дека ќе му бидат прифатени. Доволно е да се погледнат видео записите од изјавите на официјалните лица на прогонот и она смешно шишање-нуларица на притворените.

Едно е да коментираш како граѓанин, но кога настапуваш како официјално лице во системот на правдата мора да се мери тежината на секој искажан збор.

Не дај Боже тоа да се случи (лично мислам дека нема) но официјалните лица мора да ги контролираат своите емоции. Да не се лажеме. Ако бегалецот има финансии да води правна битка, екстрадицијата ќе потрае помеѓу 6 и 12 месеци, а можеби и повеќе“, вели Митев.

И Гордан Калајџиев, професорот по кривично право смета дека првоосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски може лесно да тврди дека тука не може да добие фер судење поради реториката што се шири против него во јавноста, пропратена со термини како „монструм“, „психопат“, „свирепо убиство“.

Во изјава за медиуми Калајџиев кажа дека нашата историја во однос на резултати за гаранција на фер судења, како што рече „не е најдобра“, а во однос на прашањето дали Палевски како лидер на политичка партија има право да побара политички азил, професорот одговори дека смета дека тој не е таков политички фактор.

„Во политичкиот дел може се да се употреби или злоупотреби. Имаме искуство со Груевски во Унгарија. На Груевски тогаш многу му помогна таа одлука на Даштевски дека тој не добил кривично судење од Антидискриминаторската комисија.Таа му беше кец на десетка, дека тој тука нема да добие фер судење. Објективно, Љупчо Палевски – Палчо не е таков политички фактор, ниту е постапката против него политички монтирана, барем тоа не се гледа на прво. Меѓутоа, тој тоа може да го тврди бидејќи тука го прогласуваат без да биде сослушан за сторител. И тој може да рече процесот е монтиран. И сега има некакви елементи и за тоа, појасни професорот. Тој посочи дека е многу значајно професионално да се известува во јавноста, а, како што рече, „особено внимателни да бидат органите на прогон“.

Они сега не може да флертуваат со јавноста па да плукаат по сторителите – монструми, вакви, такви, најстрого ќе ве казниме. Тие допрва ги чека судење. Ние живееме во 21 век. Секој има право прво да биде сослушан, никој не го сослушал него“, вели професорот. Во однос на постапката за екстрадација, професорот смета дека таа ќе потрае повеќе.

Барањето за екстрадација кое министерот за правда го потпиша доаѓа по апсењето во Турција на првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Меѓународната потерница по него беше издадена на 4 декември, а аспењето се случи утредента. Палевски е осомничен за две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин. Во истрагата на Јавното обвинителство се опфатени уште пет лица, односно соизвршителите Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои ја признаа вината. Во случајот, според истрагата, е вмешан и таткото но Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка, а за кого Обвинителството информираше дека ги негирал дејствата. Во притвор е и Стефан Димковски, човекот кој го превезе Палевски од Белград до Турција.

                                                                                                                                           А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ