Според вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи „Националната развојна стратегија е доказ дека само фокусиран пристап и грижа за државата и нејзиниот развој ќе не одведе онаму каде што сакаме, онаму каде, како што рече, нашите граѓани, нашите деца заслужуваат да бидат после 20 години.
Бојан Маричиќ, прв вицепремиер пак, смета дека процесот на подготовка и самиот нацрт на Националната развојна стратегија говорат за фактот дека станува збор за еден квалитетен, сеопфатен и кохерентен документ.
Процесот на подготовка на Националната развојна стратегија траеше речиси три години и во него директно се вклучија околу 14.000 граѓани, бизнис заедницата, граѓанскиот сектор, државните институции и голем број на домашни и странски експерти, велат од владата и додаваат дека HРС ја опфаќа визијата за иднината на Македонија и претставува пример за консензуален, надпартиски, надгенерациски, меѓуетнички, родово и социјално сеопфатен документ, во чија подготовка активно се вклучија политичките партии и од власта и од опозицијата.
„Има доволно прашања по кои можеме да се разликуваме како политички субјекти, но мора да градиме консензус за политиките кои се неопходни за развојот на нашето општество и за напредокот на државата“, истакна Славица Грковска, вицепремиер задолжен за политики за добро владеење.
Росана Дуџак, постојан координатор на Обединетите нации во Македонија се надева дека политичките партии ќе ја земат предвид НРС, како глас на народот, во нивните партиско-политички манифести.
„НРС може да се преточи во владина програма, за да се осигура континуитет на развојниот пат. Како и секогаш, ОН се подготвени да ги поддржат луѓето и институциите на Северна Македонија во овој процес“, изјави таа.
Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП во земјава, рече дека процесот на креирање на овој документ бил комплексен, но смета дека сите заедно успеале да создадат стратегија која успешно и сеопфатно ќе одговори на сите претстојни предизвици за земјата и ќе понуди трајни и одржливи решенија за идниот општествен развој, во согласност со принципите на Агендата 2030 и процесот на пристапувањето во ЕУ.
„Членовите на Управниот одбор изразија задоволство од досега сработеното и дадоа поддршка за процесот кој следува. Собранието едногласно го усвои Законот за Националната развојна стратегија во прво читање. По конечното носење на законот, пратениците ќе треба да го изгласаат и документот на Националната развојна стратегија, по што ќе започне нејзината имплементација“, се вели во денешното соопштение од владината прес-служба.
Процесот на креирање на Националната развојна стратегија, Владата на Република Северна Македонија го реализира во партнерство со Канцеларијата на Постојаниот координатор на Обединетите нации и Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП. Изработката на НРС е финансиски поддржана од Британската амбасада во Скопје и од Министерството за финансии на Република Словачка.