„Нормално дека нема да се откаже“, кажа портпаролот на кампањата на Бајден Сет Шустер.
Бајден самиот по дебатата исто така потврди дека нема да се откаже од трката за нов четиригодишен мандат.
„Тешко е да се расправаш со лажго. Њујорк тајмс истакна дека излажал 26 пати“, кажа тој, мислејќи на поранешниот претседател Трамп.
Демократите во голема мера го критикуваа настапот на Бајден во дебатата со Трамп синоќа, а некои признаа дека е отворена расправа за тоа дали тој треба да биде заменет пред националната конвенција во август, на која демократите официјално ќе го именуваат својот кандидат.
Гласот на американскиот претседател во текот на дебатата беше зарипнат, што Белата куќа кажа дека се должи на настинка, а повремено го губеше текот на мислите или се бореше да постигне поента.
Анкета на Си-ен-ен меѓу гледачите на дебата покажа дека 67 отсто од анкетираните кажале дека Трамп победил во дебатата.
Од изборниот штаб на Бајден порачаа дека имале рекорден ден во собирањето средства од граѓаните и наведоа десетици наводни лаги на Трамп и неговото одбивање да се обврзе да ги прифати резултатите на изборите во 2024, како знаци дека дебатата не минала добро ни за републиканскиот кандидат.