„Од нашите иницијативи за кривично гонење доставени до јавните обвинителства досега нема ниту една јавно обвинителска одлука што стасала до суд, не само од овој состав туку од постоењето на оваа институција од 2002 година навака со исклучок на ‘Бачило’. Тоа се вкупно над 200 иницијативи за кривично гонење кои излегле од овде во последните дваесетина години како постои оваа институција“, вели Ивановска.
За тоа што треба да се преземе понатаму за ова да се промени, таа смета дека прашањето треба да се постави во правосудните органи, каде, како што посочи се потребни коренити промени, но, додаде дека и секоја институција треба да си ја врши работата за која е надлежна.
„Недостига вториот миомент, а тоа е спроведување на нашите одлуки и тоа не само на ДКСК, туку на сите независни тела. Вие го читате извештајот на Европската Комисија, секоја година се повторува една иста препорака – институциите да постапат понатаму по иницијативите, по препораките на независните тела, за да можат предметите да имаат своја завршница. Со носење на Кривичен законик за 24 часа, со кој што се намалија казните, со поништување на над 200 предмети, и со еден процент доверба во судството, резултатите се такви какви што ги гледаме. Значи прво треба да бидеме јасни пред себе дали сме за искрена борба против корупција, или за декларативна“, посочува Ивановска.
Прашана за што се најмногу задоволни од својата работа, таа ги наведе 56-те иницијативи за покренување постапка за крвично гонење и 59-те иницијативи за утврдување одговорност на раководни и службени лица, кои практично, вели, се иницијативи за разрешување на високи функционери.
„Сите тие се однесуваат на високи профили на функционери, и сите се поткрепени со доказен материјал кои Обвинителството требаше да ги има предвид, да не ги третира како пријава од обичен граѓанин. Затоа што дел од тие наоди се потпираат на ревизорски извештаи. Горди сме и на сите иницијативите до Уставен суд иако беа отфрлени – и за поранешен претседател ни држеше иницијативата, и за ‘Бехтел и Енка’ за носење на законот по кратка постапка, затоа што Уставот се крши со тоа, но така функционира државата и час поскоро тоа треба да се промени“, вели Ивановска.
Таа истакна дека би можеле многу повеќе да направат доколку условите кои биле потребни за нивната работа биле побрзо исполнети. При тоа, Ивановска укажа на електронското поднесување на анкетните листови, кое стартуваше дури последната година од нивниот мандат.
Во однос на тоа дали во нивниот мандат се соочиле со притисоци или закани, таа вели дека не се соочиле со такви ситуации, но и дека нивниот јавно изнесен став бил своевидна брана за евентуални такви обиди. Според неа, притисоците биле јавни, како што се соопштенија од тројцата вицепремиери, Бојан Маричиќ, Славица Грковска и Артан Груби кои коментирале наоди на ДКСК, потоа настапот на Јавното обвинителство кога кажа дека ја прекинува соработката со ДКСК.
„Ние на сите тие јавни притисоци сме имале и јавни одговори“, вели Ивановска.
Како своевиден притисок членот на Комисијата Владимир Георгиев ја посочи кривичната пријава поднесена против него како резултат на нивната иницијатива поднесена во Обвинителството против Наумче Мојсоски директорот на Агенцијата за млади и спорт за предметот со начинот на доделување на спортските ваучери, за која вели дека е поткрепена со факти, со нивни истражувања и со наоди во Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР).
„Во Обвинителство постапката е во тек, се очекува да видиме дали ќе има одлука. Исто така, побаравме од Владата да биде ставен на одговорност директорот, Владата го отфрли тоа, а јас заработив тужба за клевета од директорот бидејќи си ја извршував својата службена должност“, вели Георгиев.
Георгиев информира и дека неодмана добиле известување од Обвинителството дека се отвфрла и нивната иницијатива за кривично гонење против службени лица во Управата за матична евиденција, иако вели во постапката за иницијативата учествувале со свои наоди и Финансиската полиција и Управата за заштита на личните податоци кои констатираа сериозни недостатоци и неправилности во работењето на оваа Управа.
За членот на Комисијата Нури Бајрами, очигледно е дека политиката нема волја за реформи, бидејќи вели институциите им служат за наградување на партиските кадри со поставување на раководни функциии.
„Треба да се направи хибридна институција од повеќе институции, чиј дел би била и ДКСК, а крајната одлука би била на Обвинителството за организиран криминал за да можат предметите да се завршат побрзо во разумен рок. Бидејќи за некои иницијативи немаме одговори и по три години“, вели Бајрами.
На новинарско прашање во врска со злоупотребата на службени возила од страна на техничкиот премиер, Талат Џафери, Ивановска изјави дека три дена пред крај на мандатот ништо нема да поднесат и очекува да реагираат од Кабинетот на вицепремиерката Славица Грковска од аспект на етичко однесување и злоупотреба на користење на службени возила.
„Системот треба да функционира и понатаму. Нашето е до тука. Повеќе пати сме укажале на злоупотреба на службени возила и службени простории. И досега биле предупредувани тие функционери, но резултат е тој, дека предупредувањата не се доволни. Треба да се има малку поригорозни мерки во тој дел. Причина за повторување на ваквото однесување е неказнивоста, дали сте виделе некој да биде казнет за злоупотреба на служебни возила. Ние дадовме предлог регистрациите на сите службени возила да бидат обоени во една боја и да бидат достапни на граѓаните да видат и да следат како се движат функционерите со службени возила, но од 2021 година овој предлог не се спроведува затоа што нема искрена волја да се спречат вакви злоупотреби“, рече Ивановска.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска по повод завршување на мандатот изрази задоволство што за време на својот мандат се обезбедени потребните просторни услови и кадровскиот капацитет, зголемен е буџетот на институцијата, за што вели главна поддршка добивале од меѓународните организации. Со издадените платни налози за утврдени прекршувања на законот, во Буџетот на државата биле слеани околу 7,8 милиони денари. Очекува повеќе резултати од новиот состав на ДКСК во однос на делот на евидентирање и следење на имотната состојба, бидејќи сите промени до 2023 година тие ги внесувале рачно, а од лани е во функција новиот софтвер кој е поврзан со соодветните институции и тие промени се добиваат автоматски.
Актуелниот состав на ДКСК ќе одржи уште една седница в понеделник во рамки на својот мандат. Новиот состав на ДКСК кој беше избран од Собранието ќе стапи на должност на 8 февруари.