Мелони е во посета на Кина откако Италија се повлече од иницијативата „Појас и пат“ минатата година и во време на нарушени трговски врски меѓу ЕУ и втората по големина економија во светот.
На состанокот во државната резиденција Диаојутаи во Пекинг, италијанската премиерка му рече на Си дека „Италија може да игра важна улога во односите со ЕУ“.
Таа додаде дека се надева на „трговски односи што ќе бидат колку што е можно поизбалансирани“.
Трговската политика на ЕУ стана мошне протекционистичка поради загриженоста дека кинескиот развоен модел фокусиран на производството може да го преплави пазарот со евтини производи, додека во исто време Кина сака да го зголеми извозот поради слабата домашна побарувачка.
Европската комисија овој месец потврди дека ќе воведе прелиминарни тарифи до 37,6 отсто за електричните возила од Кина. Пекинг предупреди дека може да дојде до трговска војна доколку Брисел не попушти и продолжи да воведува царини на другите делови на кинеската економија од 18,6 трилиони долари.
Пекинг лобира меѓу членките на ЕУ во октомври да гласаат против царините, но Италија, Шпанија и Франција навестија дека ќе ги поддржат.
Односите меѓу Италија и Кина неодамна беа нарушени со меѓусебни несогласувања, особено откако Мелони ѝ порача на Кина дека Италија се повлекува од големиот кинески инфраструктурен проект, иницијативата „Појас и пат“, со која Пекинг сака да ги зајакне своите економски врски со земјите-членки.
Само Италија од групата седум главни индустриски демократски сили се приклучи во геополитичкиот проект во 2019 година, за време на мандатот на претходната италијанска влада.