вторник, 22 октомври 2024
Институтот за демократија

Истражување: Пратениците мислат само на личните, партиските и бизнис интересите

Објавено на

часот

Сподели

Истражувањето ги анализира перцепциите на граѓаните за работата на Собранието генерално, почнувајќи од довербата во Собранието во споредба со другите власти, неговата надзорна улога, кого претставуваат пратениците, функциите на Собранието, информираноста за работата на законодавниот дом, како и други реформски процеси клучни за унапредување на работата.

На презентацијата на резултатите од истражувањето, Роберт Скот Хислет, виш постојан директор на НДИ и тим лидер на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП) рече дека пратениците, за да покажат одговорност пред јавноста, треба да размислат за етички реформи и реформи во кампањите како и за поголем законодавен надзор.

„Граѓаните во Северна Македонија се загрижени што пратениците ефективно не одговараат на потребите на граѓаните и сметаат дека пратениците ги застапуваат нивните лични интереси (80 отсто), интересите на политичката партија (75 отсто) и бизнис интересите (64 отсто) “, рече Хислет.

Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија (ИДСЦС) потенцираше дека за да се подобри перцепцијата за Собранието клучна е неговата активна надзорна улога врз извршната власт.

„Ако сакаме Собранието да се претвори во вистински законодавен дом, како врховна институција на суверенитетот на граѓаните, тогаш надзорната функција односно контролата на властa, барањата на одговорност, како и земање во предвид на сите извештаи на Државниот завод за ревизија и посочените пропусти од Антикорупциската комисија, е нешто што мора да се направи во следниот период“, смета Трошановски.

На скалата од 1 до 5, граѓаните за работата на Собранието во 2022 година дале средна оценка од 2,2 што претставува пад на скалата споредено со изминатите четири години.

Перцепцијата на мнозинството граѓани е дека Собранието не ја извршува докрај својата надзорна улога, односно 27 отсто од испитаниците сметаат дека Владата има целосна контрола над Собранието. Дополнително, речиси половина (46 отсто) од испитаниците сметаат дека Собранието ја зголемува корупцијата, наместо да ја намалува.

70 отсто од испитаниците сметаат дека повеќето од пратениците не се подготвени да носат одлуки во име на граѓаните. Тие сметаат дека пратениците не се подготвени за функцијата што ја имаат, се сомневаат во нивните способности. Тие исто така сметаат дека пратениците не се спремни за обврските кои произлегуваат од евро-интегративниот процес, но и дека немаат искрена волја за ЕУ интеграциите.

Донесувањето на што поквалитетни закони, надгледувањето над трошењето на буџетот и грижата за имплементирањето на законите и политиките, се посочени како најважни функции на Собранието. Сепак, извршувањето на овие функции од страна на Собранието е оценето како незадоволително од страна на мнозинството граѓани. Сметаат дека повеќето закони се гласаат со забрзана постапка и тоа значи дека нема вистинска дебата. Законите иако можеби се добри, тие не се имплементираат

Во поглед на отвореноста на Собранието кон јавноста, најголем дел од испитаниците сметаат дека Собранието е целосно или делумно затворено за јавноста, а пратениците не ги земаат предвид забелешките на јавноста при изработката на законите.

Доминантен дел од испитаниците сметаат дека пратениците секогаш ги застапуваат нивните лични интереси, интересите на политичките партии, како и бизнис-интересите. Голем дел од анкетираните граѓани, сметаат и дека пратениците до некоја мерка се зависни од волјата на лидерите на политичките партии од кои доаѓаат.

Мнозинството граѓани сметаат дека бојкотот на работата на Собранието како и развлекувањето и одолговлекувањето на дебатата за да не се донесе некој закон или одлука, не се исправни начини за искажување политички ставови во работата на Собранието. Дополнително, граѓаните за најважните политички процеси во државата очекуваат дебата наместо на лидерски средби.

Доминира бројот граѓани кои сметаат дека животот во државата се движи во погрешна насока во однос на оние што го сметаат спротивното. Најголеми оптимисти се жителите на Југозапад, каде над половина одговорија дека животот се движи во правилна насока. Најмногу негативни одговори, односно дека животот се движи во погрешна насока дале жителите на Вардарски Регион, Југоисточен Регион, Пелагониски, Полошки и Североисточен Регион.

Истражувањето вклучува теренска анкета спроведена во периодот од 22 февруари до 09 март 2023 и девет фокус групи, кои биле спроведени во април 2023 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ