недела, 20 октомври 2024

ИРЛ: По денешната пресуда правдата ќе ја бараме во Стразбур

Ова е скандалозна одлука, правдата ќе ја бараме во Стразбур. Ова го рече уредничката на ИРЛ, Сашка Цветковска, откако медиумот во којшто работи денеска беше осуден за клевета во спорот со бизнисменот Кочо Анѓушев.

Објавено на

часот

Сподели

„Одлуката беше скандалозна и судијката која своевремено го заштитуваше Сашо Мијалков сега влезе повторно во заштита на Кочо Анѓушев. Како што и самата ја образложи пресудата: приватното право, правото на бизнисот и на приватниот интерес биле посилни од слободата на говорот. Тоа е сè што има да се каже за оваа скандалозна пресуда. Првата пресуда против Мијалков оваа судијка ја изгуби во Стразбур, колегите од Фокус го добија случајот, а истата постапка ќе ја тераме и ние“, порача Цветковска.

Кочо Анѓушев, бизнисмен и поранешен вицепремиер за економски прашања денеска го доби спорот во скопскиот Граѓански суд против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главната уредничка Сашка Цветковска за изнесените наводи во истражувањето „Заговор против воздухот“.

Денеска Меѓународната федерација на новинари ја осуди одлуката на судот против ИРЛ. Цветковска и ИРЛ на 21 мај 2021 година објавија сторија со наслов „Заговор против воздухот“ во која беше споменат и поранешниот заменик премиер Кочо Анѓушев. Тој поведе постапка во која пред судот тврдеше дека сторијата претставува навреда и клевета против него.

За времетраење на процесот, членките на МФН, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) аргументираа дека новинарите не смеат да бидат третирани како јавно зло, затоа што тие вршат работа од јавен интерес. ЗНМ и ССНМ сметаат дека акцијата против Цветковска претставува СЛАП (стратешка тужба против јавно учество) – односно легално малтретирање на новинари со намера да бидат спречени да си ја извршуваат својата работа.

„Новинарството е јавно добро и работа на секој новинар е да ги открива системските грешки. Одлуката на судот против ИРЛ е класичен пример на занемарување на јавниот интерес. Жалиме што судот ја прифати оваа класична СЛАП тужба која беше покрената токму за заплшување и демотивирање на новинарите“, рече претседателот на ССНМ, Павле Беловски.

„Задачата на новинарите е да откриваат малверзации, корупција и некомпетентност. За жал, оние чиишто активности се разоткриени го злоупотребуваат правниот систем за малтретирање и замолчување на нивните критичари. Случајот со Истражувачката репортерска лабораторија и нејзиниот главен уредник Сашка Цветковска е пример токму за ова“, вели заменикот генерален секретар на МФН, Тим Доусон.

 
 
 
 
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ