„Ние веруваме дека нашето право да ја браниме сопствената национална безбедност, суверенитет и територијален интегритет е неспорно“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани.
Иран, палестинското исламистичко движење Хамас и неговиот либански сојузник Хезболах го обвинуваат Израел за убиството на лидерот на Хамас Исмаил Ханија во средата во Техеран, за што Израел не коментираше.
Неговата смрт следуваше неколку часа по друг напад за кој Израел ја презеде одговорноста. Во израелски напад недалеку од Бејрут е убиен и воениот лидер на либанското движење, Фуад Шукр.
„Законско право на Иран е да го казни Израел“, изјави Канани.
Загриженоста за можна воена ескалација на Блискиот исток расте, особено по сѐ почестите закани против Израел од страна на Иран и неговите сојузници во последните денови.
„Доколку регионалните влади и меѓународната заедница ја исполнија својата законска должност и вршеа притисок врз ционистичкиот режим, веројатно немаше да бидеме сведоци на вакви немири и ескалација на ризикот од конфликт во регионот“, рече портпаролот.
Израелската влада вели дека земјата има „многу високо ниво на подготвеност за секое сценарио и одбранбено и офанзивно“.
Главниот сојузник на Израел, Соединетите Држави најавија зголемено воено присуство на Блискиот Исток, особено за „да се зголеми поддршката за одбраната на Израел“.