Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, издаде соопштение дека земјата најостро го осудува американско-британскиот напад врз јеменските Хути.
„Силно ги осудуваме воените напади извршени утринава од страна на САД и Обединетото Кралство врз неколку града во Јемен… Нападите се случуваат во обид да се прошири целосната поддршка на САД и Обединетото Кралство во последните стотина дена за воените злосторства на ционистичкиот режим против палестинскиот народ и опколените граѓани на Газа“, соопшти Министерството за надворешни работи во соопштението.
„Сметаме дека ова е јасно кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Јемен и кршење на меѓународните закони, прописи и права“, рече портпаролот на иранското министерство.
Акцијата ја осуди и милитантната група Хезболах во Либан. Групата, која е една од ретките во регионот што се согласуваат со Иран, рече: „Американската агресија уште еднаш потврдува дека САД се целосен партнер во трагедиите и масакрите извршени од ционистичкиот непријател во Газа и во регионот“.
Саудиска Арабија повика на воздржаност и „избегнување на ескалација“, а Министерството за надворешни работи соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата со „голема загриженост“. Во последните месеци таа беше вклучена во мировни преговори со Хутите.
„Кралството ја нагласува важноста на одржувањето на безбедноста и стабилноста на регионот на Црвено Море, бидејќи слободата на пловидба во него е меѓународна потреба“, се вели во соопштението.
Кина и Русија изразија загриженост
Москва исто така ги осуди синоќешните напади на САД и Велика Британија во Јемен против бунтовниците Хути. Русија вели дека нападите го прекршуваат меѓународното право и ја злоупотребуваат резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бараше од Хутите да ги прекинат нападите на бродските патишта.
Нападите во Јемен се нов пример за „целосно непочитување на меѓународното право во име на ескалација во регионот и заради остварување на сопствените деструктивни цели“, порача на Телеграм портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова.
„Кина е загрижена поради ескалацијата на тензиите во Црвено Море“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.
Осудувајќи ги нападите, Хамас во соопштение рече дека владите на САД и Велика Британија ќе сносат одговорност за последиците од нивниот напад врз безбедноста на регионот.
Според воениот портпарол на Хутите, Јахја Сареа, пет борци Хути се убиени, а шестмина се ранети во вкупно 73 воздушни напади извршени од Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство врз неколку локации под контрола на Хутите во Јемен, како одговор на нападите на Хутите во Црвено Море.
Хутите, кои ја поддржуваат палестинската група Хамас, ги нарекоа нападите „варварски“ и предупредија дека ќе продолжат да ги таргетираат бродовите што се движат кон Израел. Од Израел сѐ уште нема коментар.