сабота, 27 јули 2024

САД и Британија ги гаѓаа упориштата на Хутите во Јемен (ВИДЕО)

Нападите врз бродовите во Црвено Море ќе продолжат, велат Хутите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Соединетите Американски Држави и Велика Британија синоќа извршија напади врз упориштата на јеменските бунтовници Хути, кои со недели го загрозуваат меѓународниот поморски сообраќај во Црвено Море во знак на солидарност со Палестинците во Газа.

Нападите биле насочени кон воени локации во неколку градови под контрола на Хутите, објави телевизискиот канал на бунтовничката група.

Мета биле градовите Сана, Ходеида, Таиз и Сада.

Американско-британската операција била спроведена „успешно“ како „директен одговор на досега невидените напади на Хутите врз меѓународните бродови во Црвено Море“, рече американскиот претседател Џозеф Бајден.

Хутите, кои се блиски со Иран и контролираат голем дел од Јемен, извршија 27 ракетни и беспилотни напади од 19 ноември во близина на стратегискиот теснец Баб ел-Мандеб, кој го дели Арапскиот Полуостров од Африка, според американската војска.

Бунтовниците велат дека гаѓаат комерцијални бродови за кои се сомневаат дека се поврзани со Израел, тврдејќи дека дејствуваат во знак на солидарност со Појасот Газа, зона на војна меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас.

Британскиот премиер Риши Сунак рече дека и покрај постојаното предупредување од меѓународната заедница, Хутите продолжиле со нападите во Црвено Море.

„Презедовме ограничени, неопходни и пропорционални мерки за самоодбрана“, рече Сунак.

Зошто Хутите напаѓаат бродови во Црвено Море?

Нападите на Хутите почнаа откако започна конфликтот меѓу Израел и Хамас на 7 октомври.

Хутите изјавија дека го поддржуваат Хамас и дека ќе го таргетираат секој брод што патува кон Израел.

Во ноември запленија израелски товарен брод, а потоа нападнаа неколку комерцијални брода со беспилотни летала и балистички ракети.

Нивните напади во Црвено Море се зголемија за 500 отсто меѓу ноември и декември. Тие станаа таква закана што големите бродски компании престанаа да работат во регионот.

Речиси 15 отсто од глобалната поморска трговија минува низ Црвено Море, кое е поврзано со Медитеранот преку Суецкиот канал и претставува најкратка поморска рута меѓу Европа и Азија.

Големите бродски компании, вклучително и Медитеранеан шипинг компани, Маерск, Хапаг-Лојд и нафтената компанија БП, рекоа дека ги пренасочуваат бродовите подалеку од Црвено Море.

Затоа, на меѓународните пазари се појави страв дека цените на горивата ќе пораснат и синџирите на снабдување ќе бидат нарушени.

Соединетите Држави го обвинија Иран дека е вклучен во планирањето операции против комерцијалните бродови во Црвено Море.

Портпаролот на Хутите во Јемен: Мета беа и ќе останат израелските бродови и бродовите упатени кон пристаништата во Палестина

Хутите ќе продолжат да ги гаѓаат бродовите поврзани со Израел во Црвено Море, изјави денеска нивниот портпарол во Јемен, Мохамед Абдел Салам, осудувајќи ги „неоправданите“ американско-британски напади врз бунтовничкото движење.

„Нема оправдување за оваа агресија врз Јемен, бидејќи немаше закана за меѓународната пловидба во Црвено Море“, изјави портпаролот на социјалната мрежа „Икс“.

Тој додаде дека „мета беа и ќе останат израелските бродови и бродовите упатени кон пристаништата во окупираната Палестина“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ