петок, 18 октомври 2024

Иницијативата Заедно за реките за заштита на реките во регионот

Објавено на

часот

Сподели

Регионалната иницијатива Заедно за реките е посветена на зачувување на 13 реки во Југоисточна Европа. Истакнувајќи го вклучувањето на локалните заедници, организацијата The Nature Conservancy и шест партнерски организации од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија и Србија работат на воспоставување нови заштитени подрачја покрај реките со цел да ги зачуваат нивните природни, општествени и културни вредности.

„Нашата иницијатива се заснова на верувањето дека вклучувањето и зајакнувањето на локалните заедници е клучно за ефикасна и трајна заштита на реките“, вели Драгана Милеусниќ, директорка на Програмата за Југоисточна Европа во организацијата The Nature Conservancy.

Воспсотавена е соработка со бројни засегнати страни, вклучувајќи ги и невладините организации, приватниот сектор, локалните заедници и владите со цел да се развие сеопфатно и долгорочно решение за заштита на реките.

„Заштитата на нашите реки ја препознавме како социјален, економски и еколошки приоритет. Зачуваните реки се клучни за нашата благосостојба бидејќи обезбедуваат вода за пиење, ја поддржуваат биолошката разновидност и овозможуваат живот. Работејќи на заштита на реките, ние инвестираме во одржливата иднина на нашите заедници“, изјави Ѓорѓи Митревски, програмски координатор во Еко-свест Македонија.

Покрај Еко-свест и The Nature Conservancy, членови на иницијативата се и Центарот за животна средина, здружението Динарика и младинскиот клуб Нови Вал од Босна и Херцеговина, еколошкото здружение Рзав од Србија и Еко-тим од Црна Гора.

Иницијативата Заедно за реките активно работи на заштита на 13 реки во регионот со цел да се поттикнат нови локални иницијативи за заштита на реките. Преку научно истражување и разбирање на потребите и ставовите на локалните заедници, иницијативата Заедно за реките се обидува да обезбеди рано и транспарентно вклучување на сите засегнати страни со почитување на уникатните природни, социјалните и културните карактеристики на секоја река.

Откако ќе се воспостави заштита и ќе се обезбеди добро управување на заштитеното подрачје, тоа ќе биде директен придонес во исполнувањето на меѓународните обврски на кои што се обврзаа земјите од регионот. 

Иницијативата Заедно за реките ги повикува да се придружат сите поединци, организации и заедници од регионот кои сакаат да ги заштитат реките за идните генерации.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ