сабота, 20 јули 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Инфлацијата ги уништува гнилите влади

Напливот на инфлација кој се случува во последно време на глобално ниво доведува до тоа да се случуваат политички промени и нè потсетува колку ефикасен може да биде овој стар економски проблем во соборувањето на влади. Во демократските земји, резултатите од изборите честопати зависат од ценовните тенденции. Но, нејзиниот ефект е подеднакво присутен и кај автократиите, бидејќи инфлацијата го нагризува општествениот договор на кој тие го засноваат својот авторитет.

Во Аргентина, изборот на радикалниот самонаречен анархо-капиталист, Хавиер Милеи, за претседател може да се сфати како непосредна последица на неспособноста на перонистички режим да се справи со инфлацијата, која достигна годишна стапка од 143%. Најважното ветување во неговата кампања беше враќањето на стабилноста на цените со укинување на централната банка и замената на аргентинскиот пезос со американскиот долар.

Ставањето крај на монетарната автономија е мошне храбар и ризичен експеримент кој сериозно ќе го ограничи маневарскиот простор на државата. Но, токму тоа е и поентата. Со оглед на тоа што претходната влада се обиде да направи премногу, и очигледно не успеа во тоа, гласачите сега мислат дека било што би било подобро отколку лошото управување.

На прв поглед, ситуацијата во Русија, доколку направиме споредба, изгледа изненадувачки стабилна. Годишна стапка на инфлација во оваа земја неодамна се зголеми од 6% на 7%, додека дури и САД и еврозоната накратко „флертуваа“ со двоцифрена инфлација минатата година. Притоа, САД, еврозоната и Обединетото Кралство ја намалија инфлацијата под 5%, додека ситуацијата во Русија се движи во спротивна насока.

Покрај тоа, инфлацијата во Русија нагло се зголеми во 2022 година, по инвазијата на Украина – истото се случи и во 2014 година по нападот на Крим и источна Украина. Потоа, од месец април 2022 година, стапката на инфлација се намали за цела една година, и изгледаше како да ќе застане на респектабилни 2,5%. Сепак, се покажа дека тоа не е така. Инфлацијата ова лето повторно се врати, по неуспешниот пуч на лидерот на групата „Вагнер“, Евгениј Пригожин и таа сега претставува најголем непосреден ризик за воениот режим на рускиот претседател Владимир Путин.

Градската управа на Москва е искрена во врска со оваа причина да се биде лут, па дури и Путин, кој генерално избегнува да ги признае слабостите, неодамна коментираше во врска со инфлацијата и за тоа каква закана претставува таа за семејствата во Русија. Руската централна банка соодветно ја зголеми својата основна стапка на 15% – што е речиси три пати повисока стапка од американската.

Како што Путин можеби знае, незадоволството поради зголемувањето на цените е честопати првиот знак за губење на општествената поддршка за авторитарниот режим. Иако обичните граѓани не можат отворено да го искажуваат своето незадоволство од владата (за да не бидат уапсени или строго казнети), тие можат да „мрморат“ за цените, особено кога инфлацијата е директен резултат на зголемените трошоци на државата поради војната. Проблемот се јавува не само поради повисоките воени издатоци или ограничувања во снабдувањето кои произлегуваат од санкциите, туку и поради тоа што Кремљ се обиде да ја купи поддршката од народот. Војниците, на пример, сега заработуваат два и пол пати повеќе од просечната плата, а за нивните семејства следуваат великодушни придобивки т.е. добиваат пет милиони рубли (57.000 долари) доколку нивниот војник биде убиен на фронтот.

Очигледните знаци на инфлацијата која е резултат на сето ова можат да се забележат насекаде. Поради иселувањето на 800.000-900.000 млади луѓе кои не беа подготвени да ризикуваат регрутација и мобилизација, рускиот пазар на труд бележи тенденции кон полошо.

Недостасуваат работни вештини а работодавците мораа да понудат многу повисоки плати за да привлечат работници. Ова би можело да функционира на краток рок, но набргу потоа, луѓето ќе почнат да забележуваат дека поголемата плата која ја имаат сè уште не им овозможува да го купат она што им треба или што го сакаат.

Историјата тука ни дава поучни лекции. Инфлацијата беше главната причина која го скрши општествениот договор на царската автократија со рускиот народ во 1910-тите. За време на Првата светска војна, Руската империја, не можејќи да го балансира својот буџет, почна да печати. Со оглед на тоа што Русија беше огромен извозник на жито во годините пред војната, руските селани првично можеа да го продаваат вишокот жито на управите за воени набавки, кои беа подготвени да платат повисока цена. Но, кон крајот на 1916 година, инфлацијата се забрзува, а селаните забележале дека рублите кои ги заработуваат не им овозможуваат да купат повеќе работи. Наместо и понатаму да го продаваат своето жито, тие го користеле како храна за својот добиток.

Поважно е тоа што хартиените пари од тоа време директно евоцираат слики од царската династија – во која ги имаме Петар Велики прикажан на банкнотата од 500 рубли и Катерина Велика прикажана на банкнотата од 100 рубли. И така, одеднаш, овие големи историски личности повеќе не изгледаат толку величествено. Парите со нивниот лик станале безвредни, а селаните одбиле да ги прифаќаат како исплата. На ист начин како што пропаднало снабдувањето со жито, така и резултирачкиот недостиг на храна доведува до урбани немири кои кулминираат со двојна револуција во 1917 година. Војниците престанале да одат во војска бидејќи повеќе не можеле да купат ништо со својата плата. Повеќе сакале да останат во својот дом, на село, каде што барем ќе најдат нешто за јадење.

Откако дошле на власт, болшевиците морале да направат нешто драматично за да ја вратат стабилноста на цените, па дошле на идејата да направат јасно упатување на златото при именувањето на новата валута: червонети (златници). Дури и ковале златници.

Во руската монетарна историја се забележува голем степен на континуитет. Сегашната банкнота од 500 рубли, осмислена во 1997 година, повторно еднаш го прикажува Петар Велики (овој пат тоа е неговиот споменик во пристаништето Архангелск). И неа може да ја снајде истата судбина.

Луѓето се свртуваат против владите тогаш кога тие ќе го прекршат своето ветување, а парите се еден од најстарите такви договори. Руските махинации со парите сега се еден од најопипливите знаци на систем кој не може да го исполни она што го ветил. Тоа е систем кој на крајот ќе биде сменет бидејќи повеќе ја нема довербата кај народот.

                                                                                                                                  Харолд Џејмс

                                                                                                         (Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Кaков систем за климатизација да се одбере?

Бојана Јовановска

До каде сме со (анти)родовите политики?

Рајко Пеколски

За дупките

Димитар Љоровски Вамваковски

Појавата на македонскиот протонационализам: Патот кон создавање на македонската национална посебност

Бранко Азески

Азески и Мицкоски со директна поддршка за компаниите

Јун Јанг-Кван

Што може да се очекува од новиот сојуз помеѓу Русија и...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ