четврток, 24 октомври 2024

Илјадници луѓе низ Србија на протести против рудниците за литиум

Со низа протести беше испратена нова порака од еколошките активисти и граѓанските здруженија дека Србија нема да биде место за рударење литиум.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Протестите се дел од отпорот кој во Србија станува сè пожесток по неодамна потпишаниот меморандум со Европската Унија за стратегиски суровини. Тој документ ги засили властите отворено да ја форсираат експлоатацијата како шанса за економски просперитет, а еколошките активисти дополнително ги поттикна во борбата против корупцијата и за здрава животна средина.

Протести синоќа беа одржани во Шабац, Аранжеловац, Краљево и во белградската општина Бараево, а заеднички пораки од транспарентите кои ги носеа илјадници луѓе беа „Ви се случува народ“, „Сакам ливади шуми, потоци и реки“, „Нема да копате“, „Не сакаме рудници“, „Рио Тинто марш од Србија“.

Западната компанија Рио Тинто веќе со години истражува и има спремен проект за копање и преработка на литиум, а аферата почна пред нешто повеќе од две години, кога српската влада во јануари 2022, соочена со масовни протести на десетици илјади луѓе, ѝ ја укина дозволата на таа компанија.

Уставниот суд неодамна ја укина одлуката на владата од 2022 за укинување на дозволата, а неколку дена подоцна владата експресно донесе нов указ и го „врати во живот“ проектот на Рио Тинто.

Проценките се дека проектот Јадар во југозападна Србија, вреден околу 2,4 милијарди долари, би можел да покрие дури 90 отсто од потребите на ЕУ за литиум, со што компанијата Рио Тинто би станала водечки произведувач на литиум.

Од синоќешните протести говорниците испратија пораки дека ќе истраат во протестите, дека ќе бидат уште помасовни и дека граѓаните на Србија ќе се обединат во заштитата на средината.

Повеќе нема „леви и десни“ бидејќи на сите им се неопходни вода, земја и воздух без кои никој не може да живее, а без литиумски батерии и електрични автомобили може, порача на протестот во Шабац новинарката Билјана Степановиќ од граѓанската иницијатива Проглас.

Од протестите се предупреди дека рударењето и преработката на рудата со агресивни киселини, како што тоа го планира Рио Тинто, би нанеле директна, долгорочна и непоправлива штета на водата, земјата и воздухот и животите на десетици илјади локални жители, а индиректно и на реките Дрина и Сава, која се влева во Дунав.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ