Институтот за демократија наведува дека токму, важноста на енергетиката и државните природни ресурси, како и големите финансиски придобивки што концесионерите ги остваруваат во овие сфери, го прават Министерството за енергетика подлежно на ризик, дури и во државите со добро развиени антикорупциски политики. Оттаму се повикуваат на ревизорските извештаи на Државниот завод за ревизија (ДЗР) кој истакнува бројни слабости во регулативата и надзорот на концесионерските договори, како и недостатокот на долгорочна стратегија за оптимално искористување на водните ресурси, енергијата, минералните суровини и други природни богатства.
Последниот ревизорски извештај на ДЗР за експлоатација на минерални суровини покажа дека надоместоците за експлоатираните ресурси не ги одразуваат реалните пазарни цени, поради што во периодот од 2018-2022 година државата наплатила само еден отсто од остварените приходи од продажбата на мермерните концесионери што отвора простор за сомнежи за коруптивни активности.
Затоа Институтот за демократија предупредува дека во работата на новото министерство ќе се јават низа ризици од корупција на кои новиот парламентарен состав би требало да посвети особено внимание. Првиот ризик на кој упатува Институтот е зголеменото странско и домашно лобирање.
„Сосема очекувано е концесионерите преку лоби претставници да вршат несоодветно влијание врз службениците во министерството и пратениците, што ќе доведе до лоши економски одлуки или закони кои ги фаворизираат приватните интереси пред јавната благосостојба. Постои ризик и од корупција кај надлежни регулаторни и надзорни тела, чија работа може да фаворизира одредени поединци или групи, што ќе ги компромитира државните интереси и националните ресурси“, се наведува во Документот за јавни политики.
Вториот и третиот ризик се конфликтот на интереси.
„Постои ризик службениците во новоформираното министерство или високи функционери, или со нив поврзани лица, да имаат лични финансиски придобивки во компаниите и концесиите чија работа ја надгледуваат, што ќе придонесе до пристрасно носење одлуки“, предупредуваат од Институтот.
Трет но не помалку важен ризик се слабите човечки и материјални ресурси во министерството. Според документот, органите, кои се приклучија кон новото министерството, имаат мал број вработени од кои се очекува да вршат инспекциски надзор врз работата на концесионерите и спроведувањето на договорите, што ќе придонесе кон отсуство на детални проверки и контроли, што пак дополнително ќе ја зголеми веројатноста за коруптивни активности во рамките на самото министерство.
„Со оглед на сензитивноста на овој сектор, од новиот парламентарен состав се очекува особена внимателност при донесувањето закони поврзани со работата на новото министерство. Притоа, тие треба да се залагаат за редовно доставување процена на влијанието на регулативата (ПВР) и антикорупциска процена на легислативата (АПЛ) заедно со предлог-законите. Паралелно, пратениците треба да организираат редовни јавни расправи и консултации со експертската јавност и граѓанскиот сектор, што ќе помогне во создавање закони кои се добро анализирани, транспарентни и во најдобар интерес за јавноста. Новите пратеници треба да се придржуваат кон законската обврска за известување на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) за сите случаи на лобирање од страна на трети лица во текот на процесите за законодавните промени. Собранието има должност тоа да го побара и од претставниците на извршната власт. Истовремено, од Собранието се очекува редовно да ги зема предвид и да разговара по сите релевантни ревизорски извештаи на ДЗР со што би ги согледале сите пропусти и недостатоци при работење на министерството, особено при наплатата на концесионерските надоместоци. Последно, со оглед на ограничените човечки ресурси, важно е пратениците да се ангажираат и да се отворени за алоцирање дополнителни финансиски средства за подигнување на капацитетите на инспекторатите. Притоа, имајќи ја предвид и важноста на овој сектор, да побараат од власта и стратегија за создавање нови професионални и добро обучени кадри за потребите на министерството“, велат од Институтот за демократија.