Универзитетскиот професор Борче Давитковски во гостување на ТВ 24 синоќа изјави дека правната држава е целосно еродирана и како пример го наведе токму проблемот што се појави во Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), каде поради неспроведен тендер од страна на Владата не може да продолжи со тестирањето на кандидатите за слушатели на почетната обука на 9-та генерација идни судии и јавни обвинители.
„Еве пример. Најголем донатор за реформи во правосудството е Холандија која ја финансира и Академијата за судии и јавни обвинители. Уште во септември Владата донела одлука дека немале услови за електронско полагање на приемниот испит и рекле ајде ќе се полага на хартија, во писмена форма. И кога видоа дека затоа треба да се менува законот, а тоа не е мала работа, ајде сега ќе го менуваме законот. Во меѓувреме немало тендер. Па нека дојдат на Правниот факултет. Ние имаме две училници по 50 места. Сите 100 кандидати можат веднаш електронски да полагаат и веднаш да ги добијат и резлутатите електронски. Ама тоа е ако се сака. Очигледно нешто не е во ред. Не можете вие да ги правите странците дека ништо не гледаат и дека не нѐ разбираат“, рече професор Давитковски.
Реакциите како оваа на професорот Давитковски доаѓаат откако МКД.мк пред една недела откри дека АСЈО се најде во небрано и ќе треба незаконски да го спроведе приемниот испит за кандидатите за судии и јавни обвинители затоа што Владата доцни со спроведување на тендерот за избор на фирма за одржување на компјутерите во Академијата. Затоа Владата го задолжила Управниот одбор (УО) на АСЈО како знае и умее да најде чаре да го спроведе приемниот испит во писмена форма, на хартија иако тоа е незаконски.
Но откако најмалку двајца членови на УО на АСЈО одбиле да го направат тоа, Владата вчера, преку Министерството за правда, наместо да го спроведе тендерот, реши да го менува Законот за Академија за судии и јавни обвинители.
„Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Академија за судии и јавни обвинители содржи четири члена. Со првиот се врши надополнување на членот 40 со два нови става со кои се овозможува надминување на непредвидениот застој во постапката за полагање на приемниот испит во Академијата поради настан кој не можел да се предвиди. Имено, во случај кога единствениот електронски систем за полагање на испитите не е во функција како резултат на настани кои неможеле да се предвидат, а поради крајна итност за спроведување на приемниот испит, се предлага можност квалификацискиот тест да се полага во хартиена форма, а резлтатите да се добијат со електронски читач, без вклученост на човечки фактор, водејки сметка за анонимноста, интегритетот на испитниот процес и различноста на тестовите.
Решението што се предлага е слично со решението содржано во Законот за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај“, информираа од Министерството за правда.
Според информациите на МКД.мк предложените измени веќе се испратени во Собранието.
Ова создава дополнителен проблем и во временската рамка во која е пропишана динамиката за полгање на потребните испити со што се доведува во прашање целокупниот процес но и законитоста на евентуалниот прием на новите кандидати за почетната обука за идни судии и јавни обвинители.
МКД.мк дознава дека тендерот за избор на фирма која ќе се грижи за функционирањето на електронскиот систем во АСЈО е во почетна фаза.
Од вкупно 130 идни судии и јавни обвинители, на Академијата ќе бидат запишани – 25 од листата на ДУИ, 20 од листата на Алијанса, 45 од листата на СДСМ и 10 од помалите коалициски партии, тврди пратеникот Антонијо Милошоски.
МКД.мк испрати десетици прашања до АСЈО, до Владата, до Министерството за информатичко општество и администрација, но и по една недела одговори на прашањата нема.
Искра Опетческа