среда, 30 октомври 2024

И Обама, Пелоси и други високи демократи го убедуваат Бајден да се откаже од трката

Поранешниот претседател Барак Обама приватно им изразил загриженост на демократите за кандидатурата на претседателот Џо Бајден, а спикерката Ненси Пелоси приватно го предупредила Бајден дека демократите би можеле да го загубат капацитетот да ја преземат контролата во Претставничкиот дом доколку тој не се повлече од трката, пренесе АП.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Републиканската национална конвенција кулминира денеска, кога поранешниот претседател Доналд Трамп се очекува да ја добие претседателската номинација на партијата.

Чак Шумер, лидерот на демократите во Сенатот, Хаким Џефрис, лидерот на демократите во Претставничкиот дом и неговата поранешна претседателка Ненси Пелоси во последните денови директно му ја изразиле својата загриженост на 81-годишниот Бајден дека не само што ќе ја загуби Белата куќа, туку и ќе ги загуби шансите на партијата да го врати мнозинството во Претставничкиот дом на изборите на 5 ноември, според извештаите во голем број медиуми.

Белата куќа објави дека Бајден е во самоизолација и продолжува да работи откако доби позитивен тест за коронавирусот за време на предизборните активности во Невада, што го принуди да се врати дома во Делавер.

Неговиот изборен штаб сега се соочува со лоши изгледи за реизбор, а ситуацијата во четири од седумте клучни сојузни држави (т.н. колебливи држави или „swing states“) за Бајден се чини дека се влошува. Тимот на 78-годишниот Трамп вели дека верува дека тие станале конкурентни во државите наклонети кон демократите, вклучувајќи ги Минесота, Њу Хемпшир и Вирџинија.

„Ја шириме картата“, им рече на новинарите висок советник од Трамповиот тим, кој сакал да остане анонимен.

Досега, само 20 од 264 демократи во Конгресот го повикаа Бајден да се откаже од реизбор по неговиот слаб настап во соочувањето со Трамп во јуни, кога беше доведена во прашање способноста на Бајден да победи и, ако успее во тоа, да продолжи да ги врши должностите на функцијата во следните четири години.

Пратеникот Адам Шиф, кој во Калифорнија се натпреварува за место во Сенатот, е последниот демократ што во средата го повика Бајден да се повлече.

Претставници на Белата куќа веруваат дека Шиф бил поддржан од Пелоси, според извор од Белата куќа што сакал да остане анонимен. Тоа може да биде фатален знак за Бајден, имајќи предвид дека поранешната претседателка на Претставничкиот дом и понатаму е еден од највлијателните демократи во Вашингтон.

Некои пратеници сметаат дека Бајден сега може да биде поотворен кон идејата да се откаже од трката. „Тој го направи она што е најдобро за Америка… Верувам дека ќе продолжи да го прави тоа“, изјави за Ројтерс демократскиот сенатор Џон Хикенлупер.

Хикенлупер одби да каже дали мисли дека Бајден треба да се повлече како кандидат.

Фото: ЕПА

Се јави и Обама

Поранешниот претседател Барак Обама им рекол на други демократи дека Бајден треба да ја преиспита својата кандидатура, пишува Вашингтон пост, повикувајќи се на анонимни извори.

Во меѓувреме, Трамп ќе ја затвори четиридневната републиканска конвенција во Милвоки со своето прво јавно обраќање по преживеаниот атентат во Пенсилванија во саботата, кога куршум му го погоди увото.

Претставниците на кампањата велат дека тоа искуство го поттикнало да го измени својот говор за прифаќање на номинацијата за да го нагласи заедништвото наместо да ги напаѓа Бајденовите демократи.

„Мислам дека не е можно да се помине низ она низ кое тој помина во саботата, вистинско искуство блиску до смрт, без тоа да има некакво влијание“, рече Лара Трамп, снаата на Трамп и копретседателка на Републиканскиот национален комитет. Трамп треба да одржи говор утрово (околу 22 часот по локално време).

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ