четврток, 24 октомври 2024

Хутите нападнаа три американски бродови, потврдија Американците

Јеменските исламистички бунтовници Хути нападнаа три брода, вклучително и танкер за нафта, во Црвеното и Средоземното Море, користејќи балистички ракети, беспилотни летала и чамци наполнети со експлозив, а нападите ги потврди и американската војска.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Од војската на Хутите соопштија дека најновите воени операции биле одговор на саботниот израелски воздушен напад врз градот Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, во кој загинаа најмалку 90 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа.

Во десетици напади од ноември, Хутите потопија два брода и зазедоа уште еден, убија најмалку тројца морнари и ја разнишаа глобалната трговија, принудувајќи ги сопствениците на бродови да ја избегнуваат популарната трговска рута преку Суецкиот канал. Неодамна, тие станаа поефикасни во оштетувањето на бродовите, најчесто користејќи беспилотни, вооружени бродови кои ја оштетуваат ранливата водна линија на бродот.

Во телевизиски говор, воениот портпарол на Хутите рече дека го нападнале бродот за рафинирани производи Бентли I и танкерот за нафта Кајос лајн во Црвеното Море. Централната команда на американската армија ги потврди нападите доцна во понеделникот и рече дека нема извештаи за штета или повредени.

Хутите рекоа дека исто така се приклучиле на ирачкото Исламско движење на отпорот во гаѓањето на Олвија во Средоземното Море. Ројтерс не можеше независно да го потврди нападот.

Претходно вчера, Поморски трговски операции на Обединетото Кралство (УКМТО) соопштија дека два брода биле нападнати во Црвеното Море во близина на јеменскиот пристанишен град Ходеида, при што еден брод претрпел одредена штета.

Бродот беше нападнат 97 наутички милји северозападно од Ходеида од дрон што ја погоди неговата лева страна, предизвикувајќи одредена штета и слаб чад.

Друг трговски брод, 70 наутички милји југозападно од Ходеида, бил нападнат од три мали чамци, соопштија одделно УКМТО и безбедносната фирма Амбри.

Капетанот на тој брод пријавил дека бил нападнат од три мали пловила. Еден од тие чамци бил без екипаж и двапати се судрил со бродот, додека патниците од другите два чамци пукале кон бродот. Екипажот на бродот спроведе „мерки за самозаштита“ и по 15 минути нападот беше прекинат, соопшти УКМТО.

Подоцна, во два одвоени напади, командантот пријавил дека четири проектили експлодирале во близина на бродот. И бродот и екипажот се пријавени како безбедни и продолжуваат кон следното пристаниште, соопштија од компанијата Амбри.

Од ноември, милитантите Хути во Јемен започнаа напади врз водните патишта во Црвеното Море и Аденскиот Залив. Групата вели дека овие акции се знак на солидарност со Палестинците погодени со израелските напади во Газа.

САД и Велика Британија извршија одмазднички напади од февруари – соборувајќи беспилотни летала и бомбардирајќи места за напади во Јемен.

Најмалку 65 земји и големи енергетски и бродски компании се погодени од нападите на Хутите, според извештајот на американската одбранбена разузнавачка агенција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ