сабота, 19 октомври 2024

Хунтата во Нигер состави влада пред состанокот на ЕКОВАС

Објавено на

часот

Сподели

Воениот режим кој го собори претседателот Мохамед Базум на 26 јули формираше влада по наредба на генералот Абдурахман Тиани, објави телевизијата.

Со назначувањето влада од 20 министри што ќе ја предводи премиерот Али Махаман Ламин Зеин, воениот режим се чини дека испраќа порака до лидерите на Економската заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС), кои ќе разговараат што да прават во врска со ситуацијата во Нигер во четврток во Абуџа.

На состанокот се очекува да бидат донесени „важни одлуки“, објави ЕКОВАС, која се залага за дипломатско решение, но не ја исклучува воената интервенција како последно средство за враќање на претседателот на власт.

Воениот режим во Нијамеј смета дека ЕКОВАС е организација која дејствува под диктат на Франција, поранешна колонијална сила која војската особено ја критикува откако го изврши државниот удар, пишува АФП. Во средата воениот режим ја обвини Франција за нарушување на воздушниот простор на Нигер и дека „ослободила терористи“. Париз ги отфрли ваквите обвинувања.

Секоја ескалација се заканува дополнително да го дестабилизира регионот Сахел, еден од најсиромашните во светот, кој е изложен на долг бунт од исламистичките групи, како резултат на што милиони жители се раселени, а на регионот му се заканува глад.

Државниот удар беше извршен поради внатрешни конфликти, но тој ги надмина границите и во неговото решавање, покрај ЕКОВАС, вклучени се и западните земји и организации, како што се ОН, во обидот да се изврши притисок врз хунтата да се повлече од власт.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изрази загриженост за претседателот Базум и неговото семејство по веста дека се затворени во резиденција без струја или вода и дека им снемува храна, пренесува Ројтерс.

„Генералниот секретар… го повторува својот повик за безусловно ослободување и враќање на шефот на државата на власт“, изјави во средата портпаролот на Гутереш. Воените влади кои се на сила во соседството, во Мали и Буркина Фасо, од друга страна, ветија дека ќе ја бранат воената власт.

Во последниве години, Нигер се смета за пример за релативна стабилност, додека неговите соседи Мали и Буркина Фасо им подлегнаа на воените удари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ