понеделник, 25 ноември 2024

ХТЛ за изјавата на Сали: Јавната набавка е спроведена според сите законски прописи

Јавната набавка за која зборува пратеникот Беким Сали е од отворен тип, спроведена според сите позитивни законски прописи, на која интерес можат да покажат сите економски оператори кои се занимаваат со конкретната дејност што е предмет на јавната набавка. За жал се прават „весели математики“ за да се создаде погрешен впечаток во јавноста, се вели во реакцијата на компанијата ХТЛ на денешната конференција за медиуми на Сали од коалицијата Вреди. Сали денеска побара Јавното обвинителство да реагира по допрен глас за постизборната набавка на казино апарати.

Објавено на

часот

Сподели

Наводите изнесени во врска со споменатата јавна набавка не ја одразуваат фактичката состојба, служат за дневно партиска пресметка во која на нашата компанија и се нанесува сериозна корпоративна штета, се вели во реакцијата на ХТЛ.

„Затоа, не случајно во изјавата се користи прашална форма со цел да се избегне евентуална одговорност за пласирање невистини.

Прво, склучена е Рамковна спогодба во времетраење од две години, која предвидува дека во тој период може да се набават максимум до 2.100 видео лотариски терминали за потребите на Друштвото за организирање електронски игри на среќа – Нова државна видео лотарија – Ново ВЛТ ДООЕЛ Скопје. Тоа во никој случај не значи дека ќе се набави целата количина наведена во јавната набавка. Дополнително, спроведена е редовна управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки за начинот на спроведување на набавката и не се утврдени никакви неправилности, што е дополнителен аргумент за целосната законитост во работењето.

Второ, наводните пазарни поединечни цени за еден видео лотариски терминал се апсолутно неточни и за износите со кои се претставува некоја фантомска разлика одговорно тврдиме дека не може во никој случај да се набават нови видео лотариски терминали. Согласно фактот дека меѓу другото Новоматик е еден од најголемите производители на апарати за игри на среќа на светско ниво, ХТЛ како нивен претставник имаше најповолна понуда. Притоа, исклучително важно е што за потребите на оваа јавна набавка не е искористен ниту еден денар од државниот Буџет. Тоа што ХТЛ истовремено е малцински содружник на Државна лотарија во Ново ВЛТ, не значи дека по автоматизам треба да се доведува во прашање законитоста и конкурентноста на спроведената постапка за јавни набавки. Како и да е, ние нема што да криеме. Ги повикуваме надлежните државни институции да ги преземат сите неопходни чекори за утврдување на фактичката состојба.

ХТЛ е компанија која е дел од групацијата Новоматик Македонија. Станува збор за светски етаблиран бренд во индустријата игри на среќа со исклучително позитивно реноме и корпоративен имиџ на компанија која во своето деловно портфолио имплементира највисоки професионални стандарди. Групацијата Новоматик Македонија вработува две илјади македонски државјани и до сега во Македонија има реализирани инвестиции во вредност од околу 160 милиони евра. Инвестициските планови предвидуваат нови инвестиции кои несомнено уште повеќе ќе ја придвижуваат македонската економија напред. Оттука, ХТЛ, или која било друга компанија од групацијата Новоматик Македонија, кои претставуваат капитал од земја членка на ЕУ, никогаш нема да си дозволат какви било деловно-правни односи кои можат негативно да влијаат или да го нарушат принципот на делување исклучиво согласно позитивните законски прописи.

Не сакаме да веруваме дека постои обид за смислено вовлекување на групацијата Новоматик Македонија во дневно политичките пресметки и затоа апелираме до политичките партии пред да изнесуваат вакви наводи да прават точна и прецизна проценка на обемот на корпоративна штета која ја нанесуваат на една светски реномирана економска групација која веќе 18 години е присутна на македонскиот пазар“, се вели во реакцијата на ХТЛ Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ