недела, 27 октомври 2024

Хрватска: Шестмина убиени во Домот за стари лица во Дарувар

Во Домот за стари и изнемоштени лица во Дарувар, Хрватска, маж со огнено оружје уби шест и рани шест лица, соопшти полицијата.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Шефот на хрватската полиција Никола Милина изјави дека пет лица починале веднаш, а уште едно лице починало во болница. Осомничениот побегнал од местото, но полицијата набргу го фатила во кафуле во близина на објектот.

Жртвите се пет жители на домот и една вработена, додаде Милина.

Регионалната телевизија Н1 објави дека уапсениот е роден во 1973 година и дека е поранешен полицаец што учествувал во војната во Хрватска во 1991-95 година, како и роднина на еден од станарите на домот за стари лица.

Медиумите објавија и дека една од убиените е неговата мајка, која во последните 10 години живеела во старечкиот дом.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ се огласи на Фејсбук и им изрази сочувство на семејствата на жртвите.

„Дивјачкото, незапамтено злосторство во Дарувар ме шокираше. Тоа е застрашувачко предупредување и последен повик до сите надлежни институции да направат повеќе за да се спречи насилството во општеството, вклучително и уште поригорозна контрола на поседувањето оружје. Очекувам полицијата и државното обвинителство да спроведат брза и темелна истрага за да се утврдат сите околности на ова злосторство и одговорните да бидат казнети“, напиша Милановиќ.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на мрежата Икс изрази сочувство до семејствата на жртвите.

„Згрозени сме од убиството на пет лица во Домот за стари лица во Дарувар. Изразуваме сочувство до семејствата на настраданите и се надеваме на оздравување на ранетите. Очекувам надлежните органи да ги утврдат сите околности на страшното злосторство“, рече тој.

Дарувар е град со 8.500 жители. Се наоѓа на околу 130 километри источно од главниот град Загреб.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ