„Амбасадорот Дирк Јан Коп денеска се сретна со Весна Дамева, претседател на Судскиот совет. Амбасадорот Коп е задоволен што Судскиот совет повторно е правен субјект. Сега е од големо значење и итност да се започне со враќање на довербата на јавноста и меѓународната заедница во Советот“, пишува во објавата на фејсбук профилот на Амбасадата.
Дамева, се посочува, дала преглед на начинот на кој на транспарентен начин ќе ги имплементира препораките на Оценската мисијата на Европската унија.
„Холандија сега силно ќе размисли за рестартирање на проектот со Судскиот совет кој беше суспендиран во мај, минатата година“, се наведува на фејсбук статусот на Амбасадата на Холандија.
Претседателката Дамева денеска се сретнала и со евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, соопштија од Судскиот совет.
На средбата, амбасадорот ја поздравил одлуката на Управниот суд и дал поддршка во понатамошното постапување на Дамева, како и во идните активности и заложби на Судскиот совет, со цел да се обезбеди владеење на правото и враќање на довербата на граѓаните.
Амбасадорот Гир посебно се осврнал на препораките на Европската Комисија (ЕК), потенцирајќи дека 17 од 40-те препораки содржани во Извештајот на Оценската мисија на ЕК, можат веднаш да се спроведат, бидејќи се краткорочни, не бараат уставни и законски измени, и зависат од самиот Судски совет.
Претседателката Дамева, го информирала амбасадорот дека уште во текот на наредната недела ќе се одржи работилница финансирана во рамките на ИПА проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, на која ќе се разгледуваат и донесат заклучоци за секоја од препораките на Оценската мисија.
Амбасадорот Гир изразил надеж дека Судскиот совет ќе пристапи и кон реализација на активностите содржани во новата Стратегија за правосудството, кои во значаен дел се однесуваат и на натамошното функционирање на Судскиот совет.
Весна Дамева се врати на претседателското место во Судскиот совет на 4 јануари, а по пресудата на Управниот суд дека не се образложени причините поради кои таа претходно беше разрешена. Критики кон Советот во изминатиот период упати холандскиот амбасадор Коп, а коментирајќи ги случувањата во Судскиот совет во постапувањето на ова тело во однос на политичките притисоци врз Врховниот суд, амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер лани изјави дека Советот не успеал во целост да ги исполни своите законски обврски.