вторник, 22 октомври 2024

Хјуман рајтс воч: Кина смени стотици имиња на села за да ја избрише ујгурската култура

Кина ги промени имињата на стотици села во регионот Синџијанг со цел да ја избрише муслиманската ујгурска култура, соопшти организацијата за човекови права Хјуман рајтс воч (ХРВ).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во извештајот на ХРВ се наведува дека имињата на стотици села поврзани со ујгурската религија, историја или култура биле променети меѓу 2009 и 2023 година.

Зборовите како „султан“, „олтар“, „оџа“, „бег“ исчезнале од имињата на местата и се заменети со термини што ја одразуваат идеологијата на Комунистичката партија како „хармонија“ и „среќа“, се вели во извештајот заснован на податоците објавени од кинеските власти.

Во последните години кинеските власти радикално го реконструираа општеството во Синџијанг во обид да го асимилираат малцинското ујгурско население во кинеската култура, пишува Би-би-си.

Истражувачите од ХРВ и норвешката организација Ујгур Хјелп ги проучувале имињата на селата во Синџијанг од веб-страницата на кинеското Национално биро за статистика во период од 14 години.

Откриле дека имињата на 3.600 од 25.000 села во Синџијанг биле променети во тоа време.

Според ХРВ, иако повеќето од овие промени се „навидум секојдневни“, околу една петтина, или 630, ги отстраниле референците на ујгурската религија, култура или историја.

Тие го наведоа како пример селото Ак Мешит (Бела џамија) во областа Акто во југозападен Синџијанг, кое било преименувано во Единство во 2018 година.

Сè поголем број докази укажуваат на систематско кршење на човековите права врз муслиманското ујгурско население во Кина, што Пекинг го негира.

Во Кина има околу 20 милиони муслимани.

Иако Кина е официјално атеистичка земја, властите велат дека се толерантни кон верската слобода.

Меѓутоа, во последниве години, многумина кои ги следат настаните во Кина велат дека биле сведоци на репресии врз организирани религии низ целата земја.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ