Хил во интервју за денешното издание на неделникот НИН рече дека Европејците го бараат од Белград „токму тоа што велат дека го бараат, а тоа е нормализација“ и додаде дека ЕУ сака мир и безбедност во регионот и секако меѓу Косово и Србија.
„Мислам дека тие многу јасно кажаа дека има членки на ЕУ што не го признаваат Косово, така што вистинското прашање е да се обидеме да дојдеме до нормализација каде што тие граници нема да бидат граници што ги делат, туку граници што обединуваат, граници што навистина ги обединуваат“, рече тој Хил.
Хил рече дека САД ги поддржуваат аспирациите на Србија да стане членка на ЕУ и се обидуваат да ѝ помогнат „во тој потфат, бидејќи е сосема јасно дека Србија во иднина ќе биде во Европската Унија“.
Тој рече дека САД „многу јасно ставиле до знаење“ дека би сакале Србија да се приклучи во санкциите против Русија, но додаде дека Србија „исто така презела некои важни чекори за да ѝ стави јасно до знаење на Русија дека не се согласува со агресијата што таа земја ја врши против својот сосед“.
„Имаме многу добар дијалог со Србија. И, да, Србија презеде некои многу конкретни мерки за да ѝ даде до знаење на Русија дека она што го направи во Украина не може да е одржливо. И порано или подоцна Русија ќе мора да постигне мировен договор и да се повлече од Украина. Така што, мислам дека добро се разбираме со Србија“, изјави Хил.
За односите меѓу САД и Србија, Хил рече дека „тие имаат многу добар дијалог, иако не се согласуваат за сѐ, на пример за Косово“.
„Но ние се согласуваме за неопходноста од мир и безбедност во Европа. И мислам дека многу се согласуваме со фактот дека руската агресија врз Украина треба да престане. Затоа, мислам дека имаме многу да градиме. И она што би сакал да го видам е да направиме повеќе. Мислам дека нашите два народи имаат многу заедничко и би сакал да видам врски што ќе зајакнат во наредните години“, рече тој.
По повод „Сесрпското собрание“, кое се одржа во саботата во Белград, Хил рече дека „сите мора да разберат дека Дејтонскиот договор е основа на територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и територијалниот интегритет на ентитетите во БиХ и дека овие елементи на Дејтон мора да бидат почитувани од сите страни“.
Хил изрази надеж дека оружениот конфликт меѓу српската паравоена група и косовската полиција, во селото Бањска во септември 2023 година, „ќе дојде на суд“ и дека „ќе има одредена одговорност за она што се случи“.
„Тоа сигурно не беше ден што им помогна на српските интереси, а сигурно не им помогна ниту на американско-српските односи“, додаде Хил.
Тој исто така рече дека САД се „многу разочарани“ што во Владата на Србија повторно има две лица што се под американски санкции – вицепремиерот Александар Вулин и министерот без ресор Ненад Поповиќ.
„Видете, јас морам да согледам кој е најдобриот пат напред за работите што се обидуваме да ги направиме со Владата на Србија. А кога коментирате за поединци во Владата на Србија, не сум сигурен дека тоа е најдобриот начин за напредување. Ние секако ги искажавме нашите ставови за тие двајца и мислам дека тоа ќе го оставам настрана и ќе продолжам со она што го правам овде“, додаде тој.
Запрашан за критиките што му ги упати лидерот на опозицијата Драган Ѓилас за неговата изјава дека нема миграција на гласачи на локалните избори на 2 јуни и покрај тоа што претседателот на Република Српска Милорад Додик гласаше на локалните избори во Белград, Хил рече дека Србија „секако има некои прашања што треба да се решат на изборите“ и додаде дека „мисли дека има напредок од декември“.
„А што се однесува на господинот Ѓилас, навистина не сакам да комуницирам со луѓето преку медиумите, повеќе би сакал директно да го правам тоа. Мислам дека е многу поефикасно и многу почесно да се направи тоа“, рече американскиот дипломат.
Во врска со непријателството, недовербата и огорченоста што постои кон САД поради бомбардирањето на НАТО во 1999 година, Хил рече дека „сè може да се промени“, но дека „често е потребно повеќе време отколку што би сакале“.
„Никогаш не би барал од луѓето да го игнорираат минатото, но знаете, за доброто на нашите деца, за доброто на децата на нашите деца, навистина треба да се трудиме да поминуваме повеќе време гледајќи напред отколку назад. Затоа имаме очи на предниот дел од нашите глави, а не на задниот дел на нашите глави“, рече тој.
Хил изјави дека во Србија му се допаѓаат многу работи и дека тој и неговата сопруга Џули „многу уживаат“.
„Имаме многу пријатели. Уживаме во атмосферата во Србија. Единственото нешто во кое не уживаме е кога луѓето се песимисти. Мислам дека има многу причини за оптимизам. Јас живеев во различни делови на светот. Мислам дека во оваа земја има многу работи за кои треба да бидеме благодарни и оптимистични“, додаде Хил.