петок, 18 октомври 2024

Грција ќе добие дваесет борбени авиони Ф-35

Владата на Грција даде согласност за купување 20 повеќенаменски борбени авиони Ф-35 од САД како дел од големата обнова на својата војска.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за одбрана Никос Дендијас изјави дека „писмото за прифаќање на понудата за купување Ф-35 е потпишано и испратено во САД“.

Тие авиони, според него, „ќе претставуваат силно одвраќачко присуство во нашиот регион“.

Се очекува испораката на американските авиони од петтата генерација на компанијата Локид Мартин да почне во 2028 година, додека Грција ја задржува можноста за купување уште 20 Ф-35 како дел од договорот од 8,6 милијарди долари.

Купувањето на првите 20 авиони со дополнителната поддршка ќе чини околу 3,5 милијарди долари, соопштија грчките власти.

Грција ја обновува својата војска со десетгодишна програма по долготрајната финансиска криза и постојаните тензии со соседот и сојузникот од НАТО Турција, главно поради спорот за границите во Егејско Море.

Турција беше исфрлена од програмата на Ф-35 пред пет години поради одлуката да купи руски ракетен противвоздушен систем С-400, што Вашингтон го смета за опасност за НАТО.

Портпаролот на грчката влада Павлос Маринакис модернизацијата на оружените сили ја опиша како „најзначајна по многу децении“.

„Ќе продолжиме да ја спроведуваме таа голема програма, опремувајќи ја нашата земја и зајакнувајќи ја нејзината одбрана“, кажа Маринакис.

Грција бара надмоќ во воздухот по исклучувањето на Турција од програмата на Ф-35, а набави и напредни француски борбени авиони „рафал“. Испораките за грчкото воздухопловство почнаа во 2021 година, почнувајќи од млазните авиони претходно користени од француската војска, а ќе бидат дополнети со нови авиони на компанијата Десо авијасион.

Американскиот Стејт департмент во јануари ја одобри продажбата на Грција со која на крајот би требало да има 40 авиони Ф-35, со 42 резервни мотори, како и услуги и опрема кои вклучуваат безбедни комуникациски уреди, системи за електронско војување, обука, логистика и одржување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ