сабота, 26 октомври 2024

Грчкиот остров Евиа гори веќе два дена (ВИДЕО)

Повеќе од 200 пожарникари со помош на хеликоптери и канадери втор ден по ред гасат шумски пожар на вториот по големина грчки остров Евиа, поради што е наредена евакуација на две села, соопштија властите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Пожарот избувнал во селото Петриес во центарот на островот во понеделникот околу 15 часот и силниот ветер помогнал брзо да се прошири. Денеска околу 200 пожарникари го гаснат пожарот со помош на 13 канадери и шест хеликоптери, а во подготвеност е и брод на крајбрежната стража за можна евакуација по море.

По големите акции состојбата на Евиа денеска е подобра, но ветерот ги разгорува изгорените површини што тлеат, а ризикот од пожар сѐ уште е зголемен, предупредува министерот за цивилна заштита Василис Кикилијас.

Портпаролот на противпожарната служба Василис Ватракоганис изјави за Катимерини дека пожарот во југоисточниот дел на Евиа, особено во триаголникот Петри, Криеза и Алонија, е меѓу најопасните летово.

„Имотите и населбите се навистина загрозени. Иако не би рекол дека ова е најопасниот пожар во летото досега, секако е еден од најтешките“, рече тој, истакнувајќи дека гумите на едно возило изгореле, а пожарникар добил мали изгореници на прстите.

Пожарите во Грција зачестија во последните години во текот на топлите и суви летни месеци. Минатата година во Грција избувнаа повеќе од 8.000 пожари.

Премиерот Киријакос Мицотакис изјави дека Грција повторно се соочува со „тешко лето“ во однос на климатските услови и предупреди дека август е сè уште пред нив и дека земјата мора да остане во состојба на готовност.

Неколку стотици шумски пожари избувнаа во Грција од мај. Во 2021 година Евиа се соочи со разорен пожар, кој претвори 46.500 хектари земја во пепел.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ