вторник, 22 октомври 2024

Гранатирана голема брана на југот на Украина, вода се излева по воената зона (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Додека Киев и Москва разменуваат обвинувања за нападот на хидроцентралата, водата се излева по воената зона, јавува Ројтерс.

Горниот дел на Каховската хидроцентрала, на југот на Украина, е уништен со гранатирање, но самата брана на акумулацијата не е уништена, изјави за РИА Новости Владимир Леонтиев, шеф на руската управа на градскиот округ Новокахов.

Постои страв дека населените места низводно долж реката Днепар би можеле да бидат поплавени, поради што започна евакуацијата на населението.

Украинското Министерство за внатрешни работи ги повика жителите на 19 села од десната страна на реката Днепар и делови од градот Kерсон да ги соберат најважните документи и домашни миленици, да ги исклучат уредите и да ги напуштат своите домови, предупредувајќи и на можни дезинформации.

 

 

„Каховка беше крената во воздух од руските окупаторски сили. Степенот на уништувањето, брзината и обемот на вода, како и веројатните области на поплави се разјаснуваат“, објави јужната команда на вооружените сили на Украина на својата Фејсбук страница во вторник наутро.

Хидроцентралата од советско време го снабдува со вода полуостровот Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година, и нуклеарната централа Запорожје, која од минатата година е под руска контрола.

 

 

Украинската регионална управа во Керсон соопшти дека нивото на водата ќе достигне критично ниво за пет часа и почна евакуација на населението од опасните подрачја.

Видеата кои кружат на социјалните мрежи покажуваат значителна штета на браната.

Градоначалникот на блискиот град Нова Каховка, назначен од Москва, првично ги негираше тврдењата на социјалните мрежи дека браната е крената во воздух, но подоцна рече дека браната била гранатирана од воздух во „сериозен чин на тероризам“.

Тој рече дека во ударите биле уништени вентилите на браната, што предизвикало „неконтролирано излевање на водата“.

 

 

Руските служби за итни случаи соопштија дека околу 80 населени места низводно од браната би можеле да бидат погодени, додека руската државна новинска агенција ТАСС објави дека сè уште нема „критична опасност“ за нуклеарната централа во Запорожје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ