Во огласот за јавна набавка за избор на субјект за управител на градба за довршување на реконструкција со надградба и доградба на објект Универзална сала во Скопје-фаза кров и фасада се бара компаниите да имаат минимален приход од 20 милиони евра (без ДДВ) годишно, во последните три години (2020, 2021 и 2022 година). Исто така се бара на овој тендер право за пријавување да имаат само компаниите кои имале минимум три договори за вршење на градежно-занаетчиски работи на објекти склучени во последните пет години, од кои најмалку еден успешно извршен договор за објект од областа на културата со вредност од помалку од 20.000.000 евра со ДДВ.
За неколку градежни компании со кои се консултиравме само овие два услови се ограничувачки и во голем дел, македонските градежни фирми нема да можат самостојно да ги исполнат овие барања, ако немаат меѓународни партнери.
Освен овие високи услови за финансиската кондиција на компаниите, на другата страна, се бара фирмите да имаат вработено најмалку еден градежен инженер со минимум Б лиценца, еден архитект со минимум Б лиценца, еден електроинженер со минимум Б лиценца и еден машински инженер, исто така со минимум Б лиценца. Во градежниот бизнис Б-лиценцата се смета за низок степен на стручност.
Градежните компании не се задоволни и во однос на роковите поставени во овој тендер на Министерството за култура. За градежниците рокот од 30 дена за еден ваков тендер е краток затоа што е недоволно време за увид на сите потребни работи. Во тендерот е предвидена посета на локацијата со тендерски услови, но рокот треба минимум да биде 30 дена од датумот на посета на локацијата, а не од денот на објавување на тендерот.
Освен ова, претставници на градежни компании имаат забелешки и на моделот на цена за кој не се бара приложување на целосниот предмет, односно документ кој се користи при тендерите во градежната индустрија, во кој се наведени материјали, делови и работна сила, детали за условите за изградба. За градежниците ова било многу нетранспарентно.
Од сетоа ова, тие заклучуваат дека Министерството за култура веќе има компанија која ќе ја изведува реконструкцијата на Универзалната сала. Првиот дел од таа реконструкција веќе е договорен со фирмата Универзал Балкан од Скопје.
Реконструкцијата на Универзалната сала превдидува и опрема за сценски светла, изведба на звук, рампа, скенери, машина за магла, видео екран, можност за снимање аудио и видео, оркестарски простор на различни нивоа, кафуле, бифе за промоции со капацитет за 80 посетители, 1.200 нови седишта, изолација, нова столарија, реконструкција на подови, ѕидови и тавани, противпожарна заштита…
Универзалната сала во Скопје е изградена веднаш по земјотресот во 1963 година како донација на многу земји, организирана од ОН. Овој објект е затворен веќе девет години.
А.Д.