недела, 21 јули 2024
Интервју

Гордан Калајџиев: Најпрво треба да се „притиснат“ претседателите на судовите

Претседателите на судовите се и најодговорни за организацијата на работата на судовите што довела до влечкање на постапките, а бога ми се главен линк и за политичките влијанија, вели во интервјуто за МКД.мк професорот по кривично право Гордан Калајџиев. Тој како пример го наведува и судскиот случај против докторот Жан Митрев каде е „скандалозно како надлежната обвинителка ги убедува пациентите дека се оштетени и ги наведува како да сведочат пред судот“.

Објавено на

часот

Сподели

Довербата во судството е падната на нула па само 1% од граѓаните имаат целосна доверба во судскиот систем и обвинителството. Според вас, на што најмногу се должи ова? Нестручно работење, нарачани обвиненија и пресуди и политизација на судството или други фактори?

-Дисфункционалноста на системот да испорача правда и процедурална правичност стана очигледна, особено со застарување на многу случаи за кои имаше интерес во јавноста, а проблемот на независноста малку и се „преценува“. Имено, еден помал дел од јавноста имал непосредно и реално искуство во постапките пред судовите и полицијата и обвинителството. Тие првенствено ценат како се постапувало кон нив и дали имале прилика да бидат слушнати. Поголемиот дел сепак впечаток имаат од медиумски експонираните случаи кои се често политички обоени или сензационалистички и во суштина не се вистинска слика за состојбите во судството. Мислам и тоа дека во последно време премногу внимание се посветува на улогата на судскиот и советот на јавните обвинители. Нивното влијание врз вкупната работа на судовите и ЈО по мое мислење се преценува. За слабостите на системот може да се напишат неколку книги, но ако може да сумирам, стручноста на судството сигурно не е главен проблем, па дури би рекол дека од аспект на стручноста, судството е многу над полицијата или армијата, ама ете, од некои чудни причини овие уживаат многу поголема доверба во јавноста.

Обвинителката Вилма Рускоска експресно разрешена од позиција на јавен обвинител, од друга страна против обвинителите Фатиме Фетаи и Сашо Рајчев беа поведени две дисциплински постапки, за кои што и по неколку месеци сѐ уште нема одлука. Дали ова имплицира постоење на некаква селекција во носењето одлуки?

-Повеќе од очигледно е дека разрешувањето на Вилма е политичка одлука. Срамота е што членовите на Советот на ЈО вака отворено се избрукаа. Затоа, јас како експерт по казнената постапка одлучив да реагирам отворено, за да нема забуни во јавноста. Овој и скандалот со изборот на новиот обвинител за организиран криминал и корупција на некој начин се и корисни, затоа што ни ги отворија очите дека јавното обвинителство е под силни политички влијанија! Имено, до скоро мислев дека промената на начинот на избор на државниот обвинител може да ја унапреди самостојноста на обвинителството. Сега кога видовме дека во ситуација на најдемократски можен избор од страна на самите обвинители не даде резултат и тие и натаму гласаат по нарачка на политичката елита, сфаќаме дека нашите маки и проблеми се всушност поголеми отколку што сме мислеле. Можно е ние како општество едноставно да немаме достигнато соодветно ниво на правна и политичка култура, што ќе рече, проблемите ќе потраат. За случаите против обвинителите Фатиме Фетаи и Сашо Рајчев немам информации, но може да кажам дека практиката постапките против јавните обвинители да траат долго овие ги прави на некој начин ранливи и прави јавноста да се сомнева во нивната компетентност и интегритет, со што се прави штета на целиот систем. Постапката против Вилма и другите две обвинителки од обвинителството за организиран криминал уште и не беа долги како што знае да бидат. Да се потсетиме само колку долго беа овинителите на СЈО под истрага за големите хонорари, па сега „истрагите“ што ги најави државниот обвинител Љубомир Јовевски за обвинителите што не се појавувале на судења и сл.

Во Македонија периодов актуелни се две имиња од приватниот и здравствениот сектор – кардиохирургот Жан Митрев и бизнисменот Кочо Анѓушев и неговата компанија Брако. Двајцата се директно обвинети преку објава на документарни филмови. За доктор Митрев обвинителството отвори предмет за сторено кривично дело измама на пациенти и вршење на методот на хемофилтрација како експериментален третман. Како го коментирате судскиот процес што се води против клиниката Жан Митрев и доктор Митрев?

-Никој не спори дека јавноста има интерес да биде информирана, а улогата на медиумите и т.н. истражувачко новинарство може да биде ефикасна алатка за борба со криминалот и корупцијата. Но, во една демократија ова е одговорна задача затоа што носи сериозни ризици по презумпцијата на невиност и правото на фер судење. Сѐ

 почесто се случува вистинската битка за докажување на вината да се случува во медиумите пред воопшто да почне судењето. Случајот на Жан Митрев го следам од самиот почеток со документарецот „Нечиста крв“, кој неодамна на мое изненадување доби новинарска награда за најдобра истражувачка сторија, а знаеме дека наводите од документарецот за загаденост со бактерии и нелегални експерименти не беа потврдени од надлежните институции. Не знам како воопшто јавното обвинителство сепак се досети да гони за обична измама (а не за несовесно лекување или сл.), како доктор Митрев да е некој од пазар! Освен тоа, секој што учел казнено право знае дека делото измама не може да се изврши на таков начин, преку настапи на доктор Митрев во ТВ емисии, без тој воопшто да има непосреден контакт со наводно оштетените. Од аспект на постапката пак е скандалозно како надлежната обвинителка ги убедува пациентите дека се оштетени и ги наведува како да сведочат пред судот! Убеден сум дека вака поставен случајот на обвинителството е многу слаб и не би можел да помине во нормална држава.

Покажуваат ли судиите професионално вршење на функцијата за високо профилираните случаи што се водат кај нас? Бевме сведоци на судски процеси и обвинети кои речиси секој ден се во обвинителните клупи, но и обвинети кои по голем број одлагања на рочиштата им застареа делата со сегашните измени на Кривичниот законик, изгубени доказни материјали, нарачани обвиненија или непостапување од страна на судиите за што пред неколку месеци имаше и јавна критика од австрискиот амбасадор.

-Отворивте сега многу прашања одеднаш, за сериозни системски проблеми во функционирањето на казненото правосудство. Долгото траење на постапките е стара болка на нашиот систем, а причини за застарување на предметите има повеќе. Резултатите се гледаме поразителни поради што на проблемот мора да му се пристапи сериозно. Пред некој ден читам изјава на обвинителката Ленче Ристовска дека главен виновник за траењето на постапките е судот кој наводно бил господар на постапката. Ова не е точно! Напротив, многу работи зависат од јавните обвинители, а слушаме еве дека тие најчесто воопшто не доаѓаат на судењата, па овие непотребно се одлагаат. Измените пак во Кривичниот законик се тема сама по себе. Сите помислија дека е ова поврзано со промените на Уставот, ама еве гледаме ништо од тоа. Јас посочив дека строгоста на казните се преценува од аспект на превентивното дејство на казните во спречување на корупцијата, што не значи автоматски дека измените се па сега добри. Она што мене најмалку ми се допаѓа е тоа што судиите не се поставуваат критички кон јавното обвинителство, во смисла на вистински гарант на правата на обвинетите, туку напротив по правило аминуваат сė што овие им сервираат – притвор, замрзнување на имот, претреси, посебни истражни мерки и сл. Контролата на обвинението е комплетно дисфункционална, а како што споменав, откако ќе ве оцрнат во јавноста, осуди паѓаат и без доволно докази.

Загриженост многу пати упати и меѓународната заедница. Дополнително, извештаите за работата на судовите за вториот квартал од 2023 година укажуваат на заостанати судски процеси, а управниот суд и основните судови дека биле неажурни. Кои би биле првите, неопходни чекори за враќање на легитимноста и функционалноста на судството?

-Ова се тие прашања за милион долари… Прво треба да се сфати дека нема брзи и едноставни решенија за сериозни проблеми. Затоа и досега немавме успех со палијативни решенија. Некои пак од досегашните реформи не се покажаа многу успешни, а никој не ги проучува и анализира, на пример, префрлањето на сета надлежност врз првостепените судови, изборите преку академија за судии и јавни обвинители, концептот на судска самоуправа и сл. Мислам дека и забрзаните форми на постапки не ги применуваме доволно, а системот на правни лекови е комплетна катастрофа заради што постапките траат со години и шетаат по судовите нагоре-надоле…

По сите овие случувања, дали можеби се потребни или неопходни темелни истраги за работењето на сите јавни обвинители и судии во државата?

-Јас не верувам во т.н. ветинг. Тој само ќе ги доусложни работите затоа што сум сигурен дека кај нас ќе се спроведе непринципиелно и селективно, како што тоа беше случај со лустрацијата. Не мислам дека сите или повеќето судии и обвинители сега треба да ги линчуваме. Најголемиот дел од нив совесно си ја вршат работата. Би рекол дека можеби малку треба да се „притиснат“ претседателите на судовите кои се и најодговорни за организацијата на работата на судовите што довела до влечкање на постапките, а бога ми се главен линк и за политичките влијанија. Компетентноста, професионалноста и интегритетот на судиите и обвинителите не се гради преку ноќ, иако може преку ноќ да се растури. Како и да е, од друга страна, непотизмот во системот треба да се сосече во корен.

 

                                                                                                                                                   А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ