недела, 9 март 2025

Главниот плоштад во Белград вчера преполн, протестите траеја цел ден (ВИДЕО)

Еден ден по одржаниот втор генерален штрајк во Србија, вчера протестните маршеви продолжија во голем број градови. На улица излегоа белграѓани, новосаѓани, нишлии и други, додека студентите од Суботица тргнаа пеш кон Белград, каде што се очекува да пристигнат на 15 март на големиот митинг.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Под слоганот „Рамо до рамо, студентите и работниците“ илјадници граѓани дојдоа во колони од повеќе локации во Белград, откако се сретнаа пред зградите на државните институции одговорни за одделни сектори: министерствата за здравство, образование, наука, култура и информации, Генералштабот на војската на Србија и Уставниот суд.

Дел од нив се упатија кон Нов Белград, каде што полициски кордон ги запре земјоделците на трактори и студентите од Земјоделскиот факултет, кои се упатија да се приклучат на протестот на Плоштадот на Републиката.

Полицијата не дозволи тракторите да преминат преку Бранковиот мост кон центарот на градот, а пешаците и моторциклистите беа пропуштани. Сепак, студентите и граѓаните што маршираа од центарот на Нов Белград кон Плоштадот на Републиката не сакаа да протестираат без земјоделците, кои беа меѓу закажаните говорници на плоштадот.

Откако цело попладне се одржуваа протести на улиците на Белград, малку по 18 часот илјадниците демонстранти се собраа на главниот плоштад во Белград. Плоштадот беше преполн со луѓе.

Беа одржани и говори, а протестот заврши нешто пред 20 часот.

Сè започна рано попладне на Студентскиот плоштад во Белград, каде што се одржа осмомартовскиот марш насловен „Жените во првите редови“. На плоштадот се собраа неколку стотици луѓе.

Беше најавен 18-минутен молк за жртвите од уривањето на настрешницата и трите жртви на фемицид, но непосредно пред тоа организаторката преку разглас објави дека штотуку слушнале за уште една жртва на фемицид, па имаше 19 минути молк.

Потоа студентите тргнаа пеш кон Плоштадот на Републиката.

Во текот на својата прошетка, студентите поминаа и покрај Андриќев Венац, каде што е сместена зградата на Претседателството каде што беше Вучиќ.

Потоа пристигнаа пред Министерството за образование.

Парадата по повод Денот на жената во Белград се спои со протестите. Демонстрантите се вратија на Плоштадот на Републиката нешто пред 15:30 часот и се упатија кон Студентскиот културен центар.

Демонстрантите поминаа покрај „студентите“ на Вучиќ, кои беа собрани под паролата дека „само сакале да учат“. Нив ги опкружи жандармеријата.

Се одржа 16-минутен молк, по што следуваше врева.

Околу 18 часот сите демонстранти почнаа да се собираат на Плоштадот на Републиката.

Протестот заврши без инциденти.

На собирот повикаа академиците во блокада на белградскиот Филозофски факултет, кои изјавија дека тоа е собир за поддршка на работниците од сите сектори што ги поддржуваат студентите и нивните протести.

„Свесни сме за несебичната поддршка, солидарност и пожртвуваност што вие работниците ја давате во поддршката на студентските барања. Ги повикуваме сите работници и граѓани да застанат заедно, храбро и достоинствено“, порачаа студентите што го блокираа Филозофскиот факултет во пресрет на протестот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ