„Гласен Текстилец“ до денеска има добиено околу 15 претставки од страна на работници за неклиматизирани автобуси и повисоки температури во погоните, иако сите фабрики се климатизирани. Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ вели дека најголем дел од претставките се за несоодветна температура во погоните. Посочува дека инспекторите од државниот инспекторат за труд веднаш излегуваат на терен и се прават мерења на температурата во погоните.
„За овој топлотен бран, кој ќе биде и поекстремен инспекторатот да си биде на терен. Потребно е да почитуваат препораките, а особено за работниците кои работат на отворено, односно кои работат на автопатишта, објекти. Тоа се работници кои во текот на целата година имаме случаи смрт на работно место, со најголем број на повреди на работното место, па и дел од нив се и неосигурани“, вели Ампева.
Таа посочува дека сопствениците на конфекциите во Штип плаќаат за превоз на своите работници на неколку транспортни компании, од кои според исказите на работниците во едни автобуси се вклучува клима, а во други не. Забележува дека работодавците треба да реагираат до трaнспортните компании и да бараат подобри услови за превоз на своите работници од нивните домови до фабриките и во спротивна насока, и тоа во периодот од 14 до 15:30 часот, кога надворешните температури се и над 40 степени, а во автобусите оваа температура е далеку повисока доколку не се вклучени клима уредите.
„Гласен Текстилец“ бележи и поплака од работници пред десеттина дена кога имаше топлатен бран во земјава. Поплаката е за во една фабрика во кочанско во која работници колабирале на работните места, поради несоодветна температура во погонот.