сабота, 30 ноември 2024

Германскиот гигант Фолксваген е на колена

Фолксваген, според пишувањето на германските медиуми, е толку значаен што неговите проблеми стануваат проблеми на целата земја. Во германските медиуми остро се критикува раководството на концернот, но и политичарите и синдикатите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Борбата во концернот Фолксваген ни овозможува да сфатиме што ја чека автомобилската индустрија. Доставувачите ги удираат брановите на штедењето еден по друг, а ситуацијата дополнително ќе се влошува. Не само Фолксваген, туку и БМВ и Мерцедес чувствуваат дека им недостига профитот од Кина, бидејќи локалните конкуренти во електричната мобилност стекнаа предност. Во Европа високите трошоци на енергијата и трудот дополнително ја оптеретуваат ситуацијата, да не го спомнуваме хаосот околу прекинот на производството на автомобили со внатрешно согорување“, пишува весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг.

„Автомобилскиот концерн во кратко време од рекордни профити дојде до прашање на опстанок“, наведува Лајпцигер фолксцајтунг и истакнува: „Во бројните споредни згради на оваа голема куќа секогаш се заработувало доволно, па се игнорирала потребата за реконструкција во старото добро седиште. Недостигот на конкурентност на германските локации е темата за која буквално се расправа со децении. Меѓутоа, сè додека кинескиот пазар цветаше, сè додека марката Ауди газеше со премиум стратегијата, и додека Порше, и покрај шестцифрените цени, уриваше продажни рекорди – можеше да се издржи“.

Прилично вознемирени работници

„Претходно кај Фолксваген секогаш важеше правилото дека во кризни времиња решенија се бараат заедно со претставниците на работниците. Таа стратегија на консензус извршниот директор на концернот Оливер Блуме веќе ја прекина со откажувањето на заштитата на работните места. Сега управата конечно тргна на курс на конфронтација. На работничките совети нема да им остане ништо друго освен да пружат што поголем отпор на плановите на управата. Бидејќи, она што загрижува во тие планови, е што станува збор исклучиво за дефанзивни мерки. Не се наѕира стратегија на напредување за да се врати старата пазарна сила во Европа и Кина“, критикува Фраје пресе од Кемниц.

 

Берлинскиот дневен весник Тагесцајтунг истакнува: „Повеќе од разбирливо е што околу 120.000 вработени во Фолксваген во Германија се поприлично вознемирени. Тие треба да го поднесат товарот за погрешните менаџерски одлуки од минатото. Само скандалот со дизел моторите го чинеше концернот до сега повеќе од 32 милијарди евра. Тоа што концернот до денес не е во состојба да понуди електричен автомобил достапен за широката популација, исто така не е одговорност на вработените. Кој сака да го прочисти концернот, треба да почне од раководството. Меѓутоа, не е познато дали господинот Блуме, кој минатата година заработил речиси 9,7 милиони евра, сака да даде добар пример и да се откаже од дел од својот несразмерно висок приход“.

„Многу фактори играат улога, а меѓу нив се без сомнеж грешките направени во врвот. Вториот проблем е исклучителната моќ на индустрискиот синдикат ИГ Метал и работничкиот совет, како и политиката која често ги спречува неопходните кастрења. Како доказ, канцеларот Олаф Шолц изјави дека можните погрешни менаџерски одлуки не би смееле да бидат „на товар на вработените“. Колку и да е тоа жално, на чиј товар инаку би можело да оди? На товар на даночните обврзници? Зборовите на канцеларот ќе наидат на добар прием кај вработените во Фолксваген. Но, тој поттикнува надеж која не може да се исполни. Освен тоа, неговата „семафор коалиција“ не е невина во избивањето на пожарот кај Фолксваген и кај другите произведувачи на автомобили“, се наведува во анализата на Пфорцхајмер цајтунг.

Коалициската влада во „тешка кавга“

„Најголемиот европски произведувач на автомобили се заниша, а со него и Германија како место за инвестиции. Фатално е тоа што со огромните проблеми и предизвици се справува влада во хаос, која изгледа парализирано и неспособна за акција. Трите коалициски партии се во тешка кавга. Земјата себеси не може да со дозволи стагнација до следните избори“, пишува весникот Глоке од северот на Германија.

„Целата земја, вклучувајќи ги претпријатијата, уживаше во успехот кој се засноваше главно на евтината енергија, најниските камати и цветањето на глобализацијата. На таа основа политиката се обидува да трансформира, и со изненадување открива дека без тие среќни околности тоа не е толку лесно. Она што недостига е фокусираност на приоритетните прашања и нивно решавање. Меѓутоа, изгледа дека „семафор коалицијата“ е помалку од кога било способна за тоа“, заклучува весникот Келнер штатанцајгер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ