петок, 18 октомври 2024

Германски пратеници бараат истрага за наводната вмешаност на Шолц во банкарски скандал

Објавено на

часот

Сподели

Шолц веќе е испрашан поради можни врски со аферата, а членови на неговата Социјалдемократска партија тврдат дека истрагата е политички мотивирана.

„Ќе побараме да се спроведе парламентарна истражна комисија за даночната афера „Шолц-Варбург“ во германскиот бундестаг за време на првата парламентарна недела по велигденските празници“, кажа пратеникот на Христијанско-демократската унија Матијас Миделберг на конференција за медиумите.

Партијата од десниот центар го има потребното мнозинство за почнување таква истрага заедно со противниците на Шолц од германската левица.

Шолц за таа афера веќе двапати беше испрашуван во парламентот во Хамбург, каде се наоѓа седиштето на Варбург банката, а се очекува оваа пролет повторно да биде повикан пред регионалното законодавство, пишува Политико.

Политичарите од германската опозиција тврдат дека Шолц го искористил своето политичко влијание за да ги убеди државните власти во Хамбург да се откажат од обидите да ги вратат 47 милиони евра данок од Варбург банката во 2016 година.

Шолц во тоа време бил градоначалник на Хамбург, а се сретнал приватно со функционери на Варбург банката во три посебни наврати пред државата да го сопре процесот на поврат на парите.

Врските на Шолц со скандалот излегоа на виделина при неговата изборна кампања во 2021 година, но канцеларот негираше каква било вмешаност. Тој веќе беше испрашуван во врска со функционерите на Варбург банката, но Миделберг им кажа на новинарите дека најновата истрага ќе утврди дали неговите изјави за невмешаност биле „уверливи“.

Во писмо на Христијанско-демократската унија во кое имал увид Политико, партијата тврди дека неодамна дознала дека Шолц отворено ги прераскажувал своите состаноци со функционери на банката пред еден истражен комитет, пред да тврди дека не се сеќава на состанокот пред друг.

„Оваа голема дупка во меморијата на канцеларот, откако првично се сетил на конкретниот состанок… отвора многу прашања кои треба да се разјаснат“, наводно пишува во писмото.

Скандалот опфаќа повеќе десетици банки и компании низ Европа кои едни на други си позајмувале акции, а потоа лажно пријавувале плаќање данок на овие трансфери за да побараат поврат на данок од најмалку 11 европски влади.

Германската влада во таа шема изгубила 30 милијарди долари, на чиј поврат работела во 2017 година кога скандалот излегол во јавност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ