„Треба да се воведат контроли на унгарските граници, тоа е законски можно. Сега на потег се соседните земји како Австрија, Хрватска, Словачка и Романија“, изјави министерот за внатрешни работи на сојузната покраина Бранденбург Михаел Штубген од Христијанско-демократската унија.
Тој во интервју за весникот Билд рече дека оваа мерка е неопходна откако Унгарија го олесни визниот систем за граѓаните на Русија и Белорусија и овозможи полесно доселување на работна сила од овие земји.
„Неприфатливо е членка на Европската Унија да ги пушта Русите да влезат во земјата повеќе или помалку неконтролирано“, рече Штубген.
Неговиот колега и шеф на Европската народна партија, Манфред Вебер, исто така побара Унгарија да биде санкционирана поради олеснување на влезот на руски и белоруски граѓани.
„Шпиони и атентатори на Путин веќе ѝ нанесоа голема штета на Европската Унија и на Германија… кој и да ги пушти Русите во ЕУ без да ги провери силно ја загрозува безбедноста на Европа“, рече Вебер, додавајќи дека потегот на Унгарија „мора да има последици.”
Германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер изјави дека по руската агресија врз Украина се зголемила опасноста од руска шпионажа и саботажа.
„Затоа членките на ЕУ мора да го подигнат нивото на заштита наместо да создаваат потенцијални правци за влез“, порача министерката преку нејзиниот портпарол.