Минатата недела во примероците од отпадните води на таа палестинска територија беше откриен вирусот што ја предизвикува детската парализа, што значи дека таа веќе е таму.
Во рубриката за ставови во лондонскиот весник Гардијан, тој оцени дека ова откритие е алармантно, но не и изненадувачко, со оглед на состојбата на здравствениот систем во таа опустошена област по девет месеци безмилосна војна.
Повеќето болници во Газа, каде што од 7 октомври досега загинаа повеќе од 39.000 луѓе, а 89.000 се ранети, не работат.
Во Газа веќе беснеат дијареа, респираторни инфекции и хепатитис А, меѓу другите болести, а речиси сите се соочуваат со голем недостиг од храна и со глад.
Илјадници деца се неухранети, што ги прави уште поподложни на болести.
Околу 2,3 милиони луѓе живееле во 365 квадратни километри на Појасот, а густината на населението била зголемена со раселувањето поради ограничениот пристап до безбедна вода и влошените санитарни услови.
Од почетокот на мај речиси милион луѓе се раселени од градот Рафа во градовите Кан Јунис и Деир ал Балах, каде што е откриен полио-вирусот во отпадните води.
И иако сè уште ја нема болеста, доколку не се преземе нешто веднаш, прашање на време е кога ќе стигне до илјадници незаштитени деца.
Децата помлади од пет години се изложени на ризик, особено тие на возраст под две години, бидејќи многумина не биле вакцинирани во текот на деветте месеци војна.
СЗО во наредните недели ќе испраќа повеќе од еден милион вакцини против детска парализа во Газа за вакцинација за да спречи децата да се разболат.
Сепак, без итен прекин на огнот и забрзување на испораката на хуманитарна помош, вклучително и насочена кампања за вакцинација фокусирана на малите деца, луѓето ќе продолжат да умираат од болести што може да се спречат и од повреди што може да се лекуваат, напиша шефот на СЗО.
Тој потсети дека ширењето на детската парализа претходно било забележано во области на конфликт и нестабилност: во Сирија во 2017 година, во Сомалија од пред седум години, во Авганистан, Пакистан.
Пред војната 99 отсто од децата биле вакцинирани, а денес тоа е 86 отсто, што се смета за недоволно и е опасно за децата.
Во Газа се уништени 70 отсто од пумпите за отпадна вода, а не работи ниту една пречистителна станица, што создава услови за ширење болести.